Македонија
(Видео) Дескоска: Дали ќе има договор за законот за јавно обвинителство, зависи од опозицијата
Преговарачките тимови на СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево во Собранието повторно седнаа на маса во нов обид за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за законот за јавно обвинителство.
Министерката за правда, Рената Дескоска, пред почетокот на средбата рече дека исходот на преговорите зависи од опозицијата.
„Повеќе сум реалист отколку оптимист, затоа што знаеме кого имаме од другата страна. Дали ќе имаме договор, зависи од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Законот треба да биде суштински и во согласност со европските стандарди. Имаме неколку разидувања и тоа во однос на процедура при именување на обвинител, дилема дали воопшто ќе има ново обвинителство ако веќе го укинуваме СЈО и трето солидна правна рамка за водење на случаите. Неприфатливи се отстапки кои се надвор од европското право и вредности“ ,рече Дескоска.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ја повика власта да не бега од одговорност, и Заев да го исполни предизборното ветување за предлогот за избор на шеф на обвинителство да биде од опозицијата.
„Да зависеше сè од опозицијата, законот досега ќе беше донесен. Имавме други сложени закони кои се носеа со 2/3 мнозинство, како за УБК и ОТА, постигнавме компромис, тука видовме дека има европски вредности. Доколку јас би бил министер по 9 месеци преговори не би бил задоволен и успешен. Очигледно е дека законот е ДУИ и СДСМ. Едно од клучните ветувања на власта е опозицијата да биде дел од изборот на на главниот обвинител, да си ги преиспитаат ветувања. Отстапка може да направиме до таму каде што има суштинско делегирање на опозицијата. Немаме размислувано за име, кој би бил новиот шеф на новото обвинителство, важно е да најдеме решение првично за законот“, рече Милошоски.
Денешната средба на работните групи е прва по лидерската средба на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

