Македонија
Децата од 5 до 12 години можат да се вакцинираат само во присуство на родител или старател
Иако официјално Комитетот за имунизација нема препорака за вакцинација на деца од 5 до 12 години против Ковид-19, владиниот портпарол Душко Арсовски денес извести дека единствен услов за вакцинирање на децата со оваа вакцина е да дојдат со родител или старател.
Нарачаните вакцини се од производителот „Фајзер“, кои ќе стигнат заедно со уште 40.000 дози од оваа вакцина за возрасни лица.
На новинарско прашање дали Комитетот за имунизација дал препорака за вакцинирање деца, портпаролот Арсовски одговори дека ги следат препораките од Светската здравствена организација.
„Комитетот за имунизација и натаму ќе ги следи сите препораки на СЗО и ќе се води според овие препораки како и досега. 10.000 дози од оваа педијатриска вакцина се иницијална количина, што не значи дека ако има интерес нема да се набават дополнителни дози. Вакцинацијата е важно да се укаже дека се одвива без закажан термин, единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или старател. Важно е граѓаните да знаат дека и со оваа одлука вакцини за Ковид-19 ќе има доволно, нема приорeтизираање според возраста или хронични заболувања или критична инфраструктура“, рече портпаролот Арсовски.
Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за набавка на вакцини против Ковид-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.
Согласно информацијата, дозите за возрасните треба да почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

