Македонија
Деца-пливачи собираат донации за да ја претставуваат Македонија на Светско првенство
Четворица пливачи и нивниот тренер преку донации се обидуваат да стигнат Јапонија за да ја претставуваат Македонија на Светско првенство во сениори во пливање. Блокираната сметка на Националната пливачка федерација ги остави децата да бараат пари од фирми и граѓани, за да може да ги платат трошоците за превоз и сместување. Во Јапонија треба да бидат од 16 до 31 јули. Тимот за Светско првенство е составен од Миа Блажевска Еминова, Ева Петровска, Никола Ѓуретановиќ , Андреј Стојановски и тренерот Илија Стојановски.
Донациите ги собира невладината организација „Куќа на среќата“. Оттаму велат дека Владата, агенцијата за млади и спорт знаат за оваа состојба и ги држат во неизвесност децата.
„Додека овие деца се надеваат дека некогаш ќе добијат позитивен одговор, цените на авионските билети од ден на ден се се поскапи. Толку ли Агенција за млади и не може да ги купи билетите? За што е всушност оваа агенција, ако нашата спортска иднина треба да собира донации за да ја претставуваат Македонија? Влада на Република Северна Македонија нели поддржува млади таленти: Овие деца се нашите таленти, деца кои го менуваат светот, деца кои пливањето им е се, деца за кои институциите немаат слух, немаат средства да им го обезбедат нивното учество во светското првенство, деца кои заедно со нивните родители и клубови се оставени сами на себе да се снајдат како знаат и умеат доколку сакаат да ја преставуваат нашата земја на светското првенство во пливање, да го веат македонското знаме“, велат од организацијата „Куќа на среќата“.
Националната пливачка федерација има стари долгови кон Светската пливачка федерација (ФИНА). Поради проблеми со кои се соочува нашата федерација повеќе од десет години, ФИНА одлучи оваа година да не ги покрива трошоците на нашите пливачи за учество на истото.
„Учеството на Светското првенство е еден од неопходните услови за учество на Олимписките игри, па затоа ова натпреварување е од круционално значење за овие деца и нивната кариера која е во подем. Потребни се најмалку 10.000 – 15.000 евра за авионските карти, кои зависат од тоа кога ќе се купат. И сместувањето треба да го платат и е дополнителен трошок за кој исто немаат пари. Здружението ‘Куќа на среќата’ ги повикува сите општествено одговорни компании да се приклучат и да бидат дел од ова светско првенство. Бидете поддршка на овие деца, бидете нивните спонзори“, додаваат од невладината организација
Сите вие кои сакаат да донираат, тоа можете да го направат на следнава жиро сметка:
Здружение на граѓани Куќа на среќата 200003824125567 – Стопанска банка АД Скопје
IBAN MK07200003825028637 SWIFT код; STOBMK2X
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

