Македонија
Димитрoв во Австрија: Преспа ги отстрани пречките со Грција и изгради мост кон ЕУ
За време на еднодневната работна посета по покана на Универзитетот во Грац, вчера министерот Димитров одржа предавање отворено за јавност, на тема „До Европа преку Преспа: Европската интеграција на Северна Македонија“. Во таа пригода Димитров истакна дека Преспа отстранила пречка во односите со Грција, но истовремено изградила и мост кон ЕУ-интеграцијата на нашата земја.
„Со преспанскиот договор постигнавме нешто што Шуман, еден од идејните татковци на Европската Унија, би го опишал како де факто солидарност преку конкретни дела, рече Димитров.
Дополнително, министерот зборуваше и за реформските чекори што активно се преземаат на патот кон ЕУ-интеграцијата.
За време на посетата на Универзитетот, Никола Димитров оствари средба и со ректорот на Универзитетот, Криста Нојпер, а одржа и неформална дискусија со академици и бизнисмени, на која се осврна на реформските процеси, а особено на чекорите што се преземаат во борбата против корупцијата.
На работната средба со државниот советник за економија, туризам, Европа, наука и истражување во локалната влада на Штаерска, Барбара Ајбингер, беа разменети мислења за европската интеграција на земјата, како и можностите за реализирање конкретни проекти за продлабочување на целокупната соработка помеѓу регионот Штаерска и Република Северна Македонија. За време на престојот, во рамките на своите медиумски активности, Димитров даде интервјуа за австриските медиуми „Клајне цајтунг“ и „Профил“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне студено со магла, преку денот променливо облачно
Утрото ќе биде студено со појава на магла по одделни котлини, а преку денот променливо облачно со сончеви периоди во источните делови. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје претпладне студено со појава на магла, преку денот променливо со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Времето во наредните денови
Ќе преовладува променливо облачно време со појава на утринска магла понекаде во котлините. Утринските температури ќе бидат претежно околу нулата, а дневните во делови од земјата ќе надминуваат 10 степени. Локални врнежи од дожд, а на планините од снег ќе има во вторник, а потоа се очекуваат и на крајот од неделата.
Македонија
Магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла од 30 до 50 метри Прилеп и Македонски Брод, 50 до 70 метри Струмица и Берово и на патниот правец Тетово – село Гајре, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Аеродром и Сарај
ЕВН Македонија извести дека на 20.01.2024 година ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат:
– од 09:00 до 15:00 часот корисниците од Лисец, објектите во близина на игралиштето, по должина на улицата. (опш.Аеродром)
-од 09:00 до 15:00 часот корисниците од с.Буковоќ, с.Ласкарци, с.Раовиќ, .с.Паничари (опш.Сарај)