Македонија
Димитриевски: Лица од МВР три недели нè следат мене и мојот тим, тоа е вршење притисок поради изборите
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кого утрово полицијата го сопре и го прaти со возилото на технички преглед, на прес-конференција попладнево соопшти дека тој и неговиот тим биле следени од полицијата веќе три недели. Тоа го разбира како тортура и притисок од одредени полициски службеници поради неговата кандидатура за втор градоначалнички мандат.
„Јас како кандидат за градоначалник и сите мои поддржувачи и активисти од штабот ’За наше Куманово’ сме предмет на физичко и друго следење од страна на одделни лица вработени во Министерството за внатрешни работи. Денеска, кога го напуштив работното место и се упатив кон мојот матичен лекар за да одам на редовен преглед и да примам терапија, се упативме со лицето Дејан Димитриевски, кој го управуваше возилото, кое е уредно и технички исправно. Бевме следени целиот тој период од страна на бело возило со полициски таблички, управувано од возачот на актуелниот началник на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ.
Возилото во кое бил градоначалникот го сопреле тројца полицајци, побарале полномоштво за Дејан Димитриевски, кој го управувал возилото што им било дадено, а потоа ги пратиле на вонреден техники преглед на возилото.
„Целиот период полициските службеници беа крајно непрофесионални. Побарав тие да се идентификуваат, на моето барање неколкупати, го одобрија тоа. Ги дадоа своите значки, а третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање, кога заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа утврдени неточни податоци“, се пожали Димитриевски.
Тој објасни и дека се невистинити податоците објавени во некои од медиумите дека возилото било нерегистрирано и нагласи дека за време на кампањата, иако ретко, користеле возило со уредна техничка документација. Димитриевски смета и дека сопирањето утрово е само дел од континуираните обиди да ги заплашат него и неговиот тим.
„Сакам да испратам една јасна порака до господинот Оливер 1 и господинот Оливер 2. 31 октомври е многу блиску. Граѓаните ќе видат со каква нереална власт, која од страна на поединци се трансформира, за жал, во режимска власт, се соочуваме. Кај нас во Куманово притисоци не поминуваат. Дополнително, слушнав дека е поведена активност во рамките на Министерството за внатрешни работи, сега е тоа на истрага од внатрешна контрола. Сакам притоа, за да не се водиме по системот кадија те суди, кадија те тужи, да го потсетам министерот Спасовски дека во штабот ’За наше Куманово’ имаме пријавено неколку кривични дела што се работат во согласност со законот, поврзани дејства со изборниот процес“, рече Димитриевски.
МВР, по сопирањето на Димитриевски, соопшти дека одделот за внатрешна контрола ќе го испита случајот и нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата, но не кажаа која била причината поради која градоначалникот бил сопрен, а потоа и пратен на дополнителен технички преглед.
Неофицијално, тој бил сопрен оти возилото има затемнети стакла, кои се забранети, а го спровеле до најблиската станица за технички преглед на возила оти тоа била редовна процедура во такви случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

