Македонија
Димитриевски со водство во Куманово
Досегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, е во убедливо водство за градоначалник на Куманово на локалните избори.
Според податоците од Државната изборна комисија, засега Димитриевски има 47 отсто од гласовите.
Зад него е Оливер Илиевски од СДСМ со 31,6 отсто од гласовите, а кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски има 17 отсто од досега преброените гласови.
Кога беше избран за градоначалник, на 15 октомври 2017 година, Димитриевски ја напушти пратеничката функција. Но, во екот на пандемијата, минатата година, кога Куманово беше најголемо жариште на ковид-19, дојде до несогласувања на Димитриевски со раководството на СДСМ, како и со тогашната техничка влада, на чело со Оливер Спасовски. За недоразборања со Димитриевски се зборуваше и по конгресот на СДСМ, кога кумановскиот градоначалник не влезе во листата на кандидати што ја подготви Заев за членови на новиот Централен одбор на партијата.
Димитриевски на локалните избори реши да се кандидира за втор мандат, но овојпат како независен кандидат, по што беше исклучен од матичната партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Штип ја отвори третата серија од генеричките обуки за административните службеници, кои овој пат ги опфаќаат институциите од источниот регион на државата.
Со ова, Министерството за јавна администрација, како што додаваат од таму, ја продолжува агендата за професионализација на јавната администрација, откако веќе се реализирани две серии на обуки во кои повеќе од осумстотини јавни службеници од различни институции низ земјата стекнаа нови знаења и вештини за поефикасно и современо работење.
Во таа насока, Минчев истакна дека државата не се гради само преку закони, туку преку институциите што ги имплементираат и луѓето што ги спроведуваат тие закони.
„Јас цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони. И водени од тоа, нашата цел како Министерство е јасна, да создадеме администрација со луѓе кои се компетентни, мотивирани, кои ја чувствуваат својата работа како јавна мисија, а не само како работно место.“ – рече министерот.
Тој потенцира дека реформите во јавната администрација се процес полн со предизвици и отпор, но дека секоја обука, секое вложување во образование и развој е доказ дека Македонија се менува:
„Во секој реформски процес има предизвици, има отпори, има скепса. Но јас верувам дека токму овие моменти, кога сите заедно вложуваме во обуки, во образование, во подобрување на системот, се доказ дека Македонија се менува.“
Министерот нагласи дека вистинската промена не се случува преку ноќ, туку преку луѓето:
„Јас често велам – државата не се менува преку ноќ, туку преку луѓе. А овде гледам токму такви луѓе – луѓе што веруваат дека Македонија може подобро, дека институциите можат поефикасно, дека јавниот интерес вреди повеќе од личниот. Тоа е најсилната порака што ја испраќаме денес.“ – истакна Минчев, потенцирајќи дека Македонија има историска шанса да стане држава со современа, европска и човечка администрација.
„Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на развојот на компетентни и мотивирани јавни службеници, кои ќе ја обликуваат иднината на државата и ќе ја градат довербата на граѓаните во институциите“.
Македонија
Општина Карпош: Сите училишта во општината имаат фотоволтаични системи
Општина Карпош ги опреми десетте основни училишта на своја територија, со фотоволтаични централи кои произведуваат електрична енергија за свои потреби, соопштија од таму.
„Локалната самоуправа ја реализираше оваа иницијатива, откако претходно ја реновираше и кровната конструкција на сите училишни установи. Во случајов, училиштата и детските градинки во Карпош се енергетски ефикасни објекти, со оглед на тоа што истите имаат поставено термичка изолација, прозорци со трослојно стакло, а некои од нив се загреваат на системи од обновливи извори на енергија.
Општина Карпош е првата локална самоуправа во Македонија која постави хибридни колектори на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, кои служат за производство на електрична енергија и топла вода. Поточно, овие колектори произведуваат струја со моќност од 3,2 kw, а преку искористување на сончевата енергија се произведуваат и 300 литри санитарна топла вода, која се користи за потребите на кујната на оваа детска установа“.
Според планираната динамика, како што најавуваат, Општината ќе ги опреми и останатите детски градинки, кои заедно со основните училишта ќе бидат енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.
Македонија
Како ќе живеат 5000 луѓе на простор предвиден за 1500 кај „Треска“, Белчева јавно го праша Герасимовски зошто не го спроведе конкурсот
Јана Белчева-Андреевска, досегашна советничка во Советот на Општина Центар, која на овие избори влезе во Советот на Скопје јавно го праша градоначалникот на Горан Герасимовски зошто не го спроведе конкурсот кој е одлука на Советот за уредување на земјиштето на просторот на поранешна „Треска“. Преку објава на социјалните мрежи Белчева – Андреевска праша и зошто ниту ниту Уставен суд, ниту Министерството за транспорт тогаш водено од СДСМ не се охрабри да го спаси градот од таква катастрофа.
Белчева – Андреевска потсети на вистината за планот за „Треска“.
„ 1. Планот кој се релизира на 30.000м2 не соодветствува со Генералниот план за градот ,па наместо 1500 жители на локацијата се овозможува да се населат повеке од 5000 жители.
2. При подготовка за градба се исечени 105 дрвја кои градби со подземни нивоа не можат да ги надоместат.
3. Градоначалникот потенцира дека не продава државно земиште, а за реализација на планот приватизирани се неколку илјади квадрати државно земјиште.
4. На местото каде по планот е предвидено јавно зеленило од 7.000м2 се наоѓаат објекти од 2000м2 корисна, но легализирана површина кои Општината треба да ги откупи за да го реализира единственото зеленило. 1200м2 од тие обекти се во соственост на инвеститорите на ‘Треска’ кои дополнително можат да се офајдат со дополнителни 960.000 евра. Обидот тоа да се избегне иницирано од ‘Шанса за Центар’ во актуелниот момент не беше подржано од градоначалникот.
5. Награденото решение на Конкурсот за ‘Треска’ го ревидираше планот согласно Генералниот план, со тоа го заштити јавниот интерес и ги отстрани добар дел од неговите недостатоци. Правото на градба на приватниот имот не им беше одземено на инвеститорите туку беше регулирано да се одвива според правилата на Урбанистичко планиранье.
За конкурсот не се залудно потрошени парите. Напротив. Конкурсот беше доказ дека ако се направи триаголник на соработка: политичари со визија и со примарна цел-јавниот интерес; ангажман на докажани стручни и професионални лица; и соработливи инвеститори флексибилни за договор и свесни за јавниот интерес, а не само алчни, е тогаш може да се менува развојот на просторот. Но укинувањето на конкурсот на ‘Треска’ еднострано и незаконски од градоначалникот е доказ како политичката моќ не се користи за одбрана на јавниот интерес“, објави Белчева – Андреевска и во прилог стави линк од обраќањето на архитектот Миодраг Радоњиќ, претседател на конкурсната комисија и актуелен претседател на Академијата на архитекти на Македонија кое е целосен демант на тврдењата на актуелниот градоначалник.

