Македонија
Димитриев за мандатот на Груевски: Не можам да му одземам нешто што не сум му го дал
Не можам да му одземам нешто што не сум му го дал, е одговорот на пратеникот Емил Димитриев на прашањето како ќе гласа тој за предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски пред седницата на Комисијата за мандатни прашања, на која единствена точка на дневен ред е предлогот за одземање на мандатот на Груевски поради шестмесечно неоправдано отсуство од Собранието.
Димитриев не сакаше да говори во име на целата пратеничка група, тој потенцира дека ова е негов личен став, но од изјавата може да се заклучи дека тој ќе гласа „против“ ако предлогот биде ставен на пленарна седница.
Ниту другите пратеници од ВМРО- ДПМНЕ не сакаат да кажат дали сметаат дека Груевски треба да остане пратеник, но го проблематизираат кредибилитетот на прстеникот Павле Богоевски, кој ќе претседава со Комисијата. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, рече дека секој пратеник треба да сноси морална одговорност и самиот е одговорен за личниот кредибилитет. Таа не прецизира, но сè поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара изземање на Богоевски од Комисијата.
За пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, пак, секое дефокусирање и можно одбегнување на дебатата за мандатот на Груевски значи занимавање со ланскиот снег наместо со конкретниот проблем.
Седницата за мандатот на Груевски е закажана за утре во 11 часот, а се очекува со неа да претседава Павле Богоевски иако не се исклучува можноста на негово место да седне заменичката Снежана Калеска-Ванчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

