Македонија
Димитров – Брн: Ирска дава силна поддршка за отпочнување на преговорите на нашата земја за членство во ЕУ
На барање на ирската страна, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска имаше видеосредба со државниот министер за европски прашања на Ирска, Томас Брн.
Ирскиот претставник на Советот за општи работи на ЕУ изразил интерес за статусот на европското досие на Северна Македонија, со акцент на напорите на португалското претседателство и нивниот предлог, како добра основа за надминување на предизвиците за усвојување на преговарачката рамка и пробив на евроинтегративниот пат во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ. Вицепремиерот Димитров, како што информираат од неговиот кабинет, се заблагодарил за континуираната ирска поддршка за македонскиот евроинтегративен пат и се осврнал на посветеноста на европската агенда во клучните реформски области поради што, како што нагласил, потребен е неодложен старт на пристапните преговори, како и на посветеноста за отстранување на пречките во таа смисла.
„Иако географски сме оддалечени, Ирска и Северна Македонија се споредливи по однос на многу карактеристики, а особено по определбата да дејствуваат како конструктивни партнери во Европа. Таа поврзаност неминовно нè упатува на интеграција и обединетост во вредностите, што се стремиме да ја заокружиме со заедничка европска иднина под знамето на Европската Унија. Сакам да изразам благодарност на Даблин за одлучното застапување на европските принципи и заложбата за фокусирање на суштината на пристапниот процес, а тоа е усвојување на европското законодавство, вредности и стандарди. Од македонска страна, остануваме посветени на европската агенда дома како аргумент плус за одржување на поддршката на нашите ирски пријатели за процесот на проширување чие натамошно одолговлекување е неприфатливо бидејќи е на штета на заедничките интереси. Верувам дека силната заложба заедно со добра волја и свесност за влогот може да резултира со европско решение“, нагласи Димитров.
Министерот Брн потенцира дека со оглед на исполнувањето на сите услови од македонска страна и огромниот влог за влијанието на ЕУ, од ирска страна има силна поддршка за што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција и заслужено отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој најави гласна поддршка за Северна Македонија на сите претстојни состаноци на работните тела на Советот на ЕУ.
Соговорниците, како што известија од кабинетот на Димитров, се согласиле дека отворањето на пристапните преговори претставува можност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, преку пренесување на плодното ирско искуство во процесот на трансформација, што во моментов се одвива преку силна техничка и експертска поддршка во рамките на ИПА-инструментите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

