Македонија
Димитров во Брисел на средба со потпретседателот на Европската комисија, Схинас
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, попладнево во „Берлејмон“ во Брисел имаше средба и со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас.
На средбата стана збор за важноста на мисијата Фронтекс во овие моменти кога се реактуелизира прашањето на миграција. Потпретседателот Схинас изрази силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и подготвеност за поддршка од неговиот тим во областите од неговата надлежност.
Во рамките на посетата на Брисел вицепремиерот Димитров денес оствари средби и со еврокомесарот за соседство и проширување, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување со Европската комисија.
На маргините на Советот за општи работи на ЕУ, кој по неколкумесечна пауза поради пандемијата, денес ги реактивира состаноците во Брисел, Димитров имаше средби и со претседавачот на Советот, германскиот министер за Европа, Михаил Рот, и со министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.
Главниот акцент во разговорите беа следните чекори на европскиот пат на нашата земја вклучувајќи го усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство.
Првата посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање се случува во исклучително важен момент за Северна Македонија, во пресрет на дефинирање на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што ќе означува и официјален почеток на пристапните преговори со Унијата.
На средбите Димитров ги отвори прашањата поврзани со ИПА 3-програмата имајќи го предвид утврдувањето на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ 2021-2027, што е актуелно периодов. Во тој контекст се зборуваше и за подготовките за димензионирање и објавување на најавената економска програма за развој и инвестиции за Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

