Македонија
„Водовод“ не најде бактерии во градската мрежа во Скопје по паниката што се прошири на социјалните мрежи
Водата од градскиот водовод во скопски Бутел нема бактерии и исправна е за пиење, а веста што се прошири на социјалните мрежи дека во примерок од водоводот се најдени три вида бактерии е лажна, велат од ЈП „Водовод и канализација“. Лабораторијата на „Водовод“ на своја иницијатива направила анализа по објавата на социјалните мрежи од минатата недела во која стои анализата од лабораторијата „Авицена“ со откриените бактерии.
Екипа од „Водовод“ пред три дена му се јавила на човекот што ја нарачал анализата во „Авицена“, која се споделуваше на социјалните мрежи. Во негово присуство екипата зела примерок од чешмата од која наводно и тој однел примерок на анализа.
„Примерокот беше земен од наш техничар во присуство на сопственикот, а во согласност со стандардите за земање примероци. Направена е бактериолошка анализа на примерокот, при што е користена Quanty tray sealer plus за брза идентификација и користена е стандардна мембранска техника со засејување селективни подлоги. Притоа, по поминатото време во контролирани услови, на подлогите не е развиена ниедна колонија, што укажува дека водата е бактериолошки исправна. Во лабораториите на Секторот за санитарна контрола направена е и основна физичко-хемиска анализа, при што е констатирана нормална состојба на параметрите, како и во претходните мерења во таа област. Врз основа на добиените резултати може да се констатира дека испитуваниот примерок е хемиски и бактериолошки исправен во согласност со критериумите дадени во Правилникот за безбедност на водата“, велат од Секторот за односи со јавност во ЈП „Водовод и канализација“.
Во исто време, од „Водовод“ велат дека направиле и теренски мерења, при што констатирано е присуство на резидуум хлор во концентрација од 0,3 мг/л, што укажувало на нормална состојба во системот. Оттаму апелираат до граѓаните да не шират лажни вести, кои предизвикуваат немир и паника, и посочуваат дека е невозможно градскиот водовод да има три вида бактерии кај само еден корисник.
Одговори за случајот со откриените бактерии во водата во наредните денови најавија и од лабораторијата „Авицена“, во која, според објавите, е направена анализата.
Објавениот резултат со откриените бактерии ги испаничи скопјани, кои пијат вода од изворот Рашче и од бунарите Нерези – Лепенец за кои од „Водовод“ велат дека се под строга контрола. Проверките и безбедносните мерки се зголемени, особено од почетокот на пандемијата од кога, како што велат од „Водовод“, се постапува како во кризна состојба.
Од претпријатието велат дека се неосновани и тврдењата дека се подготвува приватизација на „Водовод“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.