Македонија
Димитров во работна посета на Естонија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ќе престојува во работна посета на Естонија.
Предвидени се средби со министерката за надворешни работи Ева-Марија Лииметс, со претставници на естонскиот парламент (Riigikogu) – Марко Микелсон, претседател на Комитетот за надворешни работи и Сиим Каалас, претседател на Комитетот за европски прашања, како и со претставници од кабинетот на премиерката Каја Калас, задолжени за европски прашања.
Вицепремиерот Димитров ќе се сретне и со директорот на Естонскиот центар за источно партнерство – Герт Антсу.
По неодамнешните посети на Вилнус и Рига, со Талин, Димитров ја заокружува балтичката турнеја, надоврзувајќи се на серијата посети на главни градови на ЕУ земји членки, значајни за евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Во светло на поддршката за пробив на нашиот европски пат, Димитров ќе ја пренесе пораката за потребата од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ што побрзо.
На средбите ќе се дискутира и за зајакнување на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Естонија, со особен фокус на процесот на дигитализација. Преку конкретна експертска поддршка, како една од најуспешните европски земји во однос на дигитализацијата, Димитров ќе разговара за пренесување на естонските искуства со е-влада, како и дигитализација на процесите и услугите за граѓаните и бизнис-заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

