Македонија
Димитров: Голем е придонесот на граѓанските организации во креирањето на реформите за ЕУ-интеграција
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања учествуваше на онлајн-консултацијата со над 60 претставници на граѓански организации за нацрт-националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) 2021-2025 година.
НПАА е клучниот стратешки и програмски документ на државата за насочување на процесот на европска интеграција, што ги дефинира приоритетите, динамиката и потребните ресурси за усогласување на националното законодавство со европското право, како и активностите за приспособување на националните институции кон европските административни структури, па оттаму е основа за нашата подготовка за билатералниот скрининг и за градење на идните преговарачки позиции.
Иницијативата за одржување на овие консултации по повеќе години е во светло на заложбите на СЕП за инклузивност и транспарентност во креирањето на јавните политики поврзани со процесот на европска интеграција. Во своето излагање вицепремиерот Димитров се осврна на важноста на НПАА, подготовката и механизмот за следење и известување и посочи дека станува збор за жив документ, кој и по усвојувањето, ќе биде предмет на повремено ажурирање со цел соодветно да се интегрираат новите обврски што ќе произлегуваат од процесот на интеграција.
„Првичната анализа на усогласеноста на националното законодавство со ЕУ acquis од објаснувачкиот скрининг содржано во повеќе од 3.600 акти покажа дека степеност на усогласеност изнесува 45 %, што е одлична почетна основа на почетокот на преговорите и за приоретизирање и развивање преговарачка стратегија базирана на докази поради што НПАА е приспособена и на новата методологија за пристапни преговори“, рече Димитров.
Покрај добрата подготвеност за почеток на преговорите, Димитров се осврна и на системската подготовка на националната верзија на европското законодавство и забрзаната динамика за превод на acquis-то на македонски јазик, што е исто така приоритет предвиден со НПАА, а заради обезбедување подобра координација и дигитализација на процесот се работи и на подготовка на интегрирана НПАА-платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и ќе се развијат нови функционалности и интероперабилни системи. Воедно, во тек се консултации за ревизија на актите за преговарачката структура, што е од голема важност и итност.
За крај, Димитров укажа на улогата на граѓанските организации во механизмите за следење на исполнувањето на планираните реформи и нивниот ефект и неопходноста од заемна соработка бидејќи станува збор за процес на европеизација на општеството што е заедничка одговорност.
„Придонесот во креирањето на реформите за ЕУ-интеграција и дефинирањето на приоритетите од вас како граѓански организации ни е особено значен, особено што во текот на годините во вашите редови има развиено експертиза за многу специфични области, затоа вашите предлози и укажувања соодветно ќе ги рефлектираме во НПАА. Секако, важна ни е и вашата улога во следењето на исполнувањето на планираните реформи и нивниот ефект и јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања за ЕУ, но и службите ќе бидат достапни за сите ваши понатамошни сугестии“, истакна Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

