Македонија
Димитров: Немојте да патувате, ситуацијата се менува од час во час
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочи дека има заглавени граѓани во Виена, Загреб, еден пар во Њујорк, а меѓу нив има и семејства со мали деца. Тој упати апел да не се патува, бидејќи сутацијата е неизвесна и се менува од час во час.
„Повеќе ми е апел отколку информација. Прво, ве молам немојте да патувате. Значи македонски граѓанин кој утре ќе реши да оди некаде сосема е неизвесно кога ќе може да се врати. Крајно е непредвидлива ситуацијата и од час во час се менува. Државите носат свои одлуки, затвораат граници за странски државјани, затвораат аеродроми, авиокомпаниите откажуваат летови. Истовремено имам апел до македонските државјани кои имаат регулиран престој во друга држава, во овој кризен период да не се упатуваат кон татковината. Знам дека не е логично министер за надворешни работи да упатува апел да не се патува, меѓутоа такви ни се состојбите. Тие што имаат регулиран престој во трета држава да ги следат мерките и упатствата во тамошните влади“, рече Димитров.
Министерството за надворешни работи побарало од Србија да се организира хуманитарен конвој за заглавените граѓани кои се таму и не можат да ја напуштат територијата поради затворените граници, да се вратат дома.
„Наш прв приоритет се нашите граѓни кои не се во татковината, немаат друг дом и се затечени на аеродроми, со откажани летови. Имаме такви повици од Виена, Загреб, еден пар во Њујорк, има фамилии со мали деца, разно-разни ситуации. Ќе правиме сè што можеме да организираме да се вратат дома. Морам да кажам дека немаме контрола врз граници на трети држави. Вчера, најсвежниот пример со Србија која ги затвори границите за патници, странски држави, вклучително и за македонските државјани. Има можност за организирање хуманитарен конвој, којшто не е едноставно да се организира, бидејќи треба податоци, меѓутоа и за такво барање кое ние го правиме и доставуваме нота, нема гаранција дека тоа ќе се дозволи. Ќе направиме сè што можеме да си ги вратиме граѓаните дома“, рече Димитров.
Тој посочи дека и вечерва министерството бара решение за заглавени граѓани. Досега, група од речиси 200 граѓани се извлечени од унгарско-српската граница и се враќаат дома.
„Вчера имавме две ударни точки, првата беше хрватско-српска граница, а втората унгарско-српската граница, која и вечерва ни е посебно актуелна. Една група од приближно 200 македонски граѓани со комуникација со Бугарија и Романија успеавме да ги извлечеме и најверојатно ќе дојдат на преминот Деве Баир во раните утрински часови“, додаде Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels
Македонија
СДСМ: „Златната виза“ не е злато, туку налепница во пасош
Опозициската СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како измислени вести и дефокус од главните теми.
Од СДСМ наведуваат дека визата претставува службен документ издаден од држава, кој овозможува влез, престој или транзит, најчесто во форма на печат или налепница во пасош, и дека секој граѓанин може да ги провери условите за визи на веб-страниците на надлежните амбасади.
„Со ова ја затвораме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО“, соопштија од СДСМ, додавајќи дека д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење згради, ниту со изградба на 42-катница во Дубаи со Зоран Заев, кој, како што наведуваат, веќе пет години е во политичка пензија.
„Откако утврдивме дека „златната виза“ не е злато, туку хартија во пасош, сакаме да им порачаме на граѓаните на Македонија дека токму поради вакви работи не сакаме да одговараме на лажните вести и измислените глупости на ВМРО, бидејќи тие служат за дефокус од главните теми, како што е прашањето за „мигранти за пари“ и криминалните тендери“, велат од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведоа дека Филипче, во свое појавување пред медиумите, рекол оти не бил бизнис-партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи, но со тоа, според нив, потврдил дека Заев таму гради зграда висока 42 ката.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања за тоа како Филипче дошол до „златна виза“ за Дубаи, тврдејќи дека претходно објаснувал оти ја стекнал поради наводен работен ангажман и преговори со тамошна болница, за кои, како што велат, досега не презентирал документи.
Партијата побара Филипче да одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали „златната виза“ е поврзана со инвестиција од најмалку 500.000 долари, како и од каде потекнуваат тие средства.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да ги објави документите или да одговори од каде 500 илјади долари за златна виза во Дубаи и инвестиции
Во свое појавување пред медиумите, Венко Филипче рече дека тој не бил бизнис партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи. Но со тоа, пак, потврди дека Заев сепак таму гради зграда висока 42 ката, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.
„После оваа јавна потврда, во јавноста се јавуваат нови дилеми, на кои Филипче треба да даде одговори, како на пример, како дошол до златната виза за Дубаи.
Кога пред извесно време во јавноста се појави темата со златна виза на Филипче за Дубаи, тој се правдаше дека истата ја стекнал поради работен ангажман додека бил во напредни преговори и разговори со некоја тамошна болница.
Тој отиде до таму за што тврдеше и дека сето ова е така и со докази и документи ќе го докажел.
Доколку Филипче навистина бил на работа во Дубаи, договарал работа во некоја болница или што и да има измислено за оваа лага, бидејќи веќе ни тој самиот не се сеќава, нема да му биде проблем да ги покаже документите.
Но, до ден денес, Филипче не покажува документи за некаков договор или преговори за работена ангажман со некоја тамошна болница. Тоа е така, најверојатно, поради тоа што таквите документи, очигледно, ги нема.
Од друга страна имаме сведоштво на Тома Аврамски, поранешен соработник на Зоран Заев, кој рече дека ја видел 42-катницата која тој ја гради и дека бил во зградата во која Заев и Филипче имаат станови.
Но, Филипче како што не објави документи за разговори за работен ангажман, така не одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали тоа е причината за добивање на златна виза.
Колку за потсетување на македонската јавност, за да се здобиете со златна виза, во Дубаи треба да се има минимум инвестиција од 500.000 долари, но до оваа сума на пари не се стигнува со докторска и пратеничка плата.
Затоа, Филипче да не молчи, кога веќе не објавува документи за наводен работен ангажман, туку да одговори дали златната виза е поради влог во Дубаи од минимум 500.000 долари и на кој начин ги има тој заработено овие пари?
А ваквото темно минато создадено од двоецот Заев-Филипче треба да остане таму кај што му е местото, во минатото, а не да сака да ја предводи иднината на државата“, се вели во соопштението.

