Македонија
Димитров: Новата методологија на ЕУ ќе придонесе за поголема предвидливост и кредибилитет на процесот

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во врска со новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, ги поздрави напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес.
„Новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамика, предвидливост и кредибилитет на процесот. Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес.
Ние во регионот немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за оние што одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање здрава реформска конкуренција во нашиот регион“, соопшти Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и многу топло време со температури до 30 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 30 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 30 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во понеделник попладне ќе има услови за изолирана нестабилност, а од вторник следува период на променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Ахмети вели дека ако излезе на улица нема враќање назад, „Вреди“ со коментар дека улицата е на народот, а не на милионерите

Можно е симпатизерите на ДУИ да излезат на улица, вели Али Ахмети, поради случајот со ексминистерот, Крешник Бектеши, кој се гони за лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани каде изби смртоносниот пожар.
Според Ахмети, се работи за политички прогон, а рече дека нема да се повлечат додека не се обезбеди неселективна правда и предвремени парламентрни избори.
„Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори“, рече Ахмети за ТВ24.
Попладнево стигна реакција од неговите почитички опоненти Вреди/Влен кои велат дека улицата е на народот, а не на милионерите што се плашат од правдата.
„Дваесет години на власт – никогаш на улица за народот, секогаш во тишина за правдата. Сега, кога системот што си го изгради за себе се руши, Али Ахмети плаче за „улицата“, оти му се лизга тронот од раце и лажицата од уста!“, велат од коалицијата.
Го прашуваат Али Ахмети, каде бил кога во времето на неговото владеење со Груевски, Албанците се гушеле по затвори, а на нивното име се лепела етикетата „терорист“. Каде бил кога се измислувал Монструм, кога Сопот бил обвинет за тероризам, кога во Бродец се пролеала албанска крв, кога во Диво Насеље биле искористени за валкани политички сценарија.
Се додава дека денес, ДУИ се обидува да се претстави како жртва – ама единственото нешто што навистина ги плаши е правдата и гласовите на народот.
Македонија
ССНМ: Падот на светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 е одраз на состојбите во Македонија

На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година Македонија е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции
Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава. На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година според Репортери без граници, земјава е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции.
Токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ.
Според Репортери без граници, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од таканаречените СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура.
Во однос на безбедноста нотирани се низа заплашувања и закани кон новинарите, особено оние кои истражуваат сериозни злоупотреби, корупција и криминал, како и дека и покрај напредокот со кревање на свесноста кај институциите околу безбедноста на новинарите потребни се дополнителни подобрувања.
Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер.