Македонија
Димитров: Кога при исполнети услови нема резултат, тогаш политиката на проширување е со наведната глава
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес оствари средба со Тајс Ројтен, пратеник во Европскиот парламент и член на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, во рамки на неговата работна посета на земјава.
На средбата беше дискутирано за трансформативната моќ на ЕУ во регионот во контекст на политиката на проширување и нејзината кредибилност, што особено се отсликува во случајот со Северна Македонија.
Вицепремиерот Димитров истакна дека текот на евроинтегративниот процес има големо влијание врз случувањата во земјата и регионот кои се рефлексија и на опаѓањето на довербата во остварливоста на европското ветување.
„Кога при исполнети услови и донесена одлука за почеток на преговори нема резултат, тогаш политиката на проширување е со главата надолу: наместо поддршка и зајакнување на трансформацијата и реформите, ефектот е обратен“, рече Димитров.
Европратеникот Ројтен ја подвлече неговата лична поддршка, како и заложбата на Европскиот парламент за европското досие на Северна Македонија и регионот, препознавајќи ја неговата важност за иднината на Европа. Тој истакна дека ЕУ мора да направи повеќе за да ја докаже заложбата и ангажманот кон регионот, пред сé преку пристапниот процес на Северна Македонија бидејќи со посветеноста на европската агенда се исполнети сите услови за почеток на пристапни преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

