Македонија
Димитров се сретна со амбасадорот за Западен Балкан при МНР на Јапонија, Хироши Кавамура
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, го прими амбасадорот задолжен за Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Јапонија, Хироши Кавамура. Посетата на амбасадорот Кавамура е прва по неговото назначување на позицијата и претставува одлична можност за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Јапонија.
Министерот Димитров ја поздрави јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, која претставува нов значаен механизам за потесна соработка и поддршка на земјите од регионот во нивната европска интеграција. Во доменот на билатералните односи и соработка, Димитров изрази задоволство од суштинскиот напредок постигнат досега, особено по минатогодишното отворање на резидентна јапонска амбасада во Скопје и го истакна интересот за натамошен проактивен ангажман на овој план.
„Срдечно ја поздравувам јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан и искрено се надевам дека оваа иницијатива, меѓу другото, ќе резултира со прва јапонска инвестиција во Република Македонија“, рече министерот Димитров.
Амбасадорот Кавамура изрази задоволство што Република Македонија е првата земја која ја посетува по своето преземање на новата функција. Исто така, тој информираше за областите кои ќе бидат фокус на јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, меѓу кои економската поддршка, споделување знаење и експертизи во области од регионален интерес, како и промовирање на мали и средни претпријатија.
По одржаната средба, во Министерството за надворешни работи беа одржани третите по ред политички консултации меѓу Република Македонија и Јапонија на ниво на политички директори, на кои беше детално разговарано за севкупните односи и нивното натамошно унапредување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.