Македонија
Дипломатскиот синдикат: Доста беше лажење, министре Османи, оставка поднесуваат функционери, не службеници
Македонскиот дипломатски синдикат реагира на изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за оставката на директорот за протокол на МНР. Од таму го прашуваат Османи до кога ќе ја лаже јавноста и ќе го жртвува угледот на дипломатите. Од Синдикатот обвинуваат дека не само што не се работи за оставка туку споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја за каде, како што велат, билетите му биле извадени уште пред инцидентот со знамињата.
„До кога ќе ја лаже јавноста господинот Османи? До кога ќе го жртвува угледот на дипломатите за да се заштитите себеси од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако.
Нè загрижува неговото сè почесто лажење. Летото извади голем број дипломати на демонстрации пред Собранието кога излажа дека сениорските дипломати во нашето МНР го разгледале, односно се согласиле со потпишувањето на т.н. француски предлог. Го злоупотреби нивниот авторитет за да се покрие себеси. Потоа излажа дека евентуалното непотпишување ќе доведе до безбедносни тензии во Македонија. Тој во МНР лажел и високи дипломати дека ќе ја поддржи нивната кандидатура за највисоки меѓународни позиции во меѓународни организации, па потоа не го сторил тоа нанесувајќи непосредна штета за државата. За сопствен пиар, ги излажа дипломатите да се пријавуваат за амбасадорски места по имејл, но без конкурс, за потоа колегите да се исмејуваат со нив, а тој и натаму да си испраќа свои луѓе што немаат никаква врска, ниту искуство со дипломатија. Малку ли беше срамот со ТВ-презентерки и деца на јавни лица на високи дипломатски и конзуларни позиции во странство? Дури преку својот кабинет вршеше и притисок на дипломати да клеветат и да обвинуваат сопствени колеги за нешто што не го сториле за да може да им отвора селективни дисциплински постапки“, велат од дипломатскиот синдикат.
Бујар Османи, според Синдикатот, е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка.
„Како синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана од колеги што не може да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи што побргу зашто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави сè под своја контрола. Нема да дозволиме тоа да трае. Македонскиот дипломатски синдикат ќе продолжи да се бори за зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР. Куќата на дипломатијата ќе го врати стариот сјај“, порачаа од Македонскиот дипломатски синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСЧП донесе пресуда во корист на затвореник кој бил тепан од полицаец во „Идризово“
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Европскиот суд за човекови права вчера донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот Фитим Муслиу против Северна Македонија, поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“. Како последица на нападот, затвореникот се стекнал со телесни повреди.
Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (член 142 став 1 од КЗ), Малтретирање во вршење на службата (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК.
Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалеше на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
Според МЗМП и Хелсиншкиот Комитет за човекови права оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
„Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, се наведува во соопштението и се додава дека оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не му го спомнаа името на Груби на собраниска седница, од што се плашат Заев, Филипче и Спасовски?
СДС наместо да застане на страната на правдата и одговорноста, продолжува да го релативизира и штити криминалот на Артан Груби. Наместо да се дистанцираат, СДС на чело со Филипче координирано го бранат Груби. СДС го штитат Груби повеќе дури и од што го штитат менторот Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС се толку многу исплашени и бегаат од темата за Артан Груби што на собраниска седница за пратенички прашања ниту поставија прашање, ниту пак името му го спомнаа. СДС се толку вознемирени и нервозни од апсењето на Артан Груби поради стравот од сведочењето на Груби и неговите изјави кои може да повлечат и поранешни високи функционери на СДС. Тренчевска со сите сили се потруди да ја колективизира одговорноста за одлуките на тогашната влада на СДС и ДУИ. Потпретседателката на СДС Јована Тренчевска истакна дека одлуката на тогашната влада, каде се сомничи за криминал Артан Груби, била колективна, и според неа не било фер само Груби да добие кривична, туку требало да добијат и другите министри кои присуствувале на седницата, односно цела тогашна влада“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали со ова СДС се подготвени да жртвуваат одредени нивни функционери се со цел да го заштитат Груби и што знае Груби па цела СДС се плаши за да не посведочи за одредени криминали?
„Дали Вице Заев, Оливер Спасовски и Венко Филипче се плашат од тоа што ќе каже Артан? СДС знаеше за криминалот во Државна лотарија и молчеше за спас на коалицијата со ДУИ. Граѓаните очекуваат правда, никој не смее да биде над законите. Заврши времето на политичка заштита на поединци, време е за транспарентност и владеење на правото. Одговорност мора да има за секој за кој ќе се утврди вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

