Македонија
Дипломатскиот синдикат го обвини Османи за евтино политиканство и самопромоција
Од Македонскиот дипломатски синдикат го обвинуваат министерот Бујар Османи за замајување на јавноста, како и играње со угледот на македонската дипломатија со неосновани и неумесни фалби, непознавање и неписменост.
„Во своите континуирани заложби за самопромоција, министерот за надворешни работи Бујар Османи преку веб-страницата на МНР и неговиот фејсбук-налог, бомбастично пласира информација дека Македонија станала депозитар на три меѓународни договори склучени во рамките на Берлинскиот процес.
Таму во детали се опишува како „министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги примил трите договори…“, како „оригиналните документи беа предадени од страна на Сузане Шулц, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во германското МНР“, а самиот Османи во таа пригода изјавил дека доделената улога на депозитар „претставува потврда за конструктивната улога на Македонија во регионалните процеси и соработка, како и посветеност на државата за јакнење добрососедски односи, но и модел за изнаоѓање позитивни решенија за надминување на отворените прашања“, велат од Синдикатот.
Како што додаваат од таму, депонирањето договори во дипломатијата е целосно технички процес, дел од вкупната процедура на чување документи, пристапување или излегување од договори и по правило го спроведува оддел за меѓународно право во Министерството. Поради тоа, од Синдикатот велат дека се работи за евтино политикантство.
Исто така, велат дека ги загрижува трендот на елементарна јазична неписменост во кабинетот на Османи, на што и порано укажувале, а дека сега бил во подем.
„Во англискиот превод на соопштението е напишано дека Македонија е depositor наместо depositary. Веројатно кабинетот повторно ќе го брани Османи дека станува збор за техничка грешка, но проблемот е што разликата во двата термина е суштествена. Додека терминот depositary означува човек или ентитет кому нешто му е доверено на чување, терминот depositor има токму спротивно значење и означува човек или ентитет кој некому нешто му доверува на чување. Во секојдневниот живот зборот depositor или на македонски јазик – депонент најчесто означува човек што депонира, односно внесува свој штеден влог во банка. Во никој случај не може да биде МНР, кое зема обврска да ги чува договорите“, соопштија од Македонскиот дипломатски синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

