Македонија
Директорот на ФЗО, Ден Дончев, поднесе оставка
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, по три години раководење со институцијата, поднесе оставка до Владата, која на денешната седница треба да ја прифати или отфрли. Дончев за „Макфакс“ вели дека планирал тоа да го направи и порано, а на прашањето зошто дава оставка во сред пандемија, вели „Излегуваме од пандемијата“.
„Имав намера и порано да го направам ова. Излегуваме од пандемијата. Близок член на семејството има проблеми со здравјето, а тоа една од причините зошто сакам да ја напуштам оваа функција, односно одлуката која ја донесов е поради семејни и здравствени причини. Веќе имам кажано дека овој чекор сакав да го направам и порано. Не знам дали одлуката поминала на Влада, чекам известување“, вели Дончев за „Макфакс“.
Дончев е именуван за директор на ФЗО во август 2017 година. Претходно беше носител на листа во првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“. Дел од неговата биографија е и дека тој бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, но и поранешен директор на „Телеком“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.

