Македонија
Директорот на Царинската управа: Унапредување на соработката со Армијата за побрз прием на опремата потребна за зајакнување на капацитетите

„Царинската управа на дневна основа ќе се координира и ќе комуницира со службите на Армијата се со цел олеснување на увозот и побрз прием на оклопните возила Stryker што на Армијата и се потребни се со цел зајакнување на капацитетите и исполнување на обврските во рамки на НАТО”, истакна директорот на Царинска управа Бобан Николовски, на настан организиран во рамки на посетата на тимот за одбранбена стратегија на САД од ISG (Institute for security governance).
Николовски во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД во нашата земја, Ангела Агелер, присуствуваа на брифинг на кој од страна на заменик командантот на Прва пешадиска бригада, полковник Стеван Наумоски беше презентиран процесот за воведување во оперативна употреба на лесните оклопни возила „Stryker“ во рамките на Армијата.
По брифингот беше остварена посета на објектите каде се одржуваат и чуваат JLTV и Stryker возилата.
Македонија е сојузник со САД во НАТО при што Царинската управа има значајна улога во процесот на олеснување на увоз на опрема за потребите на македонската Армија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.