Македонија
Дисперзирани студии имало, студенти не
На огласите за дисперзираните студии на УКИМ, воведени од ВМРО-ДПМНЕ, или никој не се јавувал или малкуте пријавени биле префрлани на матичните факултети, соопштија од Министерството за образование денес, по нападите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека укинале благороден проект само затоа што го вовела претходната влада.
„Наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, бројките покажуваат дека изминативе години не се реализирале дисперзирани студии на УКИМ. Напротив, биле распишувани конкурси за упис од Владата, на кои или никој не се пријавувал или малкутемина средношколци кои се пријавувале не добивале шанса да студираат на дисперзираните студии туку заради неможноста да се формира група, биле префрлани на матичните факултети.
Така на пример, на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје во последните три учебни години, и покрај тоа што постоеле дисперзирани студии, немало пријавено кандидати. Иста е ситуацијата и на Земјоделскиот факултет од Скопје. На Правниот факултет „Јустинијан Први“ за учебната 2014/2015 година се пријавиле 17 кандидати за дисперзираните студии во Тетово, а за наредната година тројца кандидати, од кои еден се запишал. За учебната 2016/2017 година се пријавиле шест кандидати за дисперзираните студии во Тетово, но во ниту една од овие години не се одвивала настава на дисперзирани студии бидејќи бројот на пријавените не бил доволен за формирање група студенти, па студентите биле запишани на студии во Скопје.
На Економскиот факултет од Скопје за учебната 2014/2015 година ниеден студент не се пријавил на дисперзираните студии во Тетово, а 16 студенти се пријавиле на дисперзираните студии во Велес. За учебната 2015/2016 година шест студенти се запишале на дисперзираните студии во Тетово, а 13 се запишале на дисперзираните студии во Велес, додека за учебната 2016/2017 година 10 студенти се запишале на дисперзираните студии во Тетово, а девет студенти се запишале на дисперзираните студии во Велес. И на овој факултет во ниедна од овие студиски години не се одвивала настава на дисперзирани студии бидејќи бројот на пријавени не бил доволен за формирање група студенти, па студентите биле запишани на студии во Скопје.
На Машинскиот факултет од Скопје, за учебната 2014/2015 година еден студент се запишал на дисперзираните студии во Струга, а двајца студенти се запишале на дисперзираните студии во Кавадарци. За учебната 2015/2016 година ниеден студент не се запишал на дисперзираните студии во Струга, тројца се пријавиле на дисперзираните студии во Кавадарци, со тоа што едниот од нив имал некомплетна документација, а останатите двајца воопшто не дошле да ги поднесат документите за упис. За учебната 2016/2017 година ниеден студент не се запишал на дисперзираните студии во Струга и во Кавадарци. Со тоа ни на овој факултет немало настава на дисперзирани студии“, стои во објаснувањето на Министерството.
Според реакцијата, ова е потврда за лажната паника што ја шири ВМРО-ДПМНЕ, но и доказ за фиктивните проекти кои ги воведуваше претходната влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

