Македонија
Дисциплинска за обвинител од Скопје кој не постапувал по доделените предмети, дел од нив застареле
Јавниот обвинител донесе решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за време додека трае дисциплинската постапка поведена против него поради основано сомнение дека сторил тешка дисциплинска повреда од член 91 став 1 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство.
При вонреден надзор од Вишото јавно обвинителство Скопје е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите кои му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка заради донесување мериторна јавнообвинителска одлука, при што кај еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење.
Од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.5.2021 година, ова е петта поведена дисциплинска постапка за јавен обвинител.
Во другите четири постапки, за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово исто така е донесено решение за оддалечување од функцијата, за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола е изречена дисциплинска мерка – намалување на плата во износ од 20% во траење од четири месеци, за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен е изречена дисциплинска мерка – намалување на плата во износ од 30% во траење од четири месеци, додека една постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид е во тек. Пред Советот на јавните обвинители во тек е жалбената постапка на уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија нагласува дека основна должност на јавните обвинители е секогаш, без оглед на околностите, да ги преземаат службените дејствија во согласност со важечкото национално и меѓународно законодавство и да ја вршат својата должност законито, непристрасно, праведно, посветено и во што е можно пократок рок. Сите утврдени дисциплински повреди ќе се санкционираат согласно одредбите на Законот за јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

