Македонија
Дисциплински мерки за полицајците од ГП „Долно Блаце“ кои го пропуштиле Артан Груби
Во врска со преминувањето на државната граница на Граничниот премин „Долно Блаце“ од страна на А.Г. иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, на 15.12.2024 Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапи и по извршени проверки, извршен увид во службените материјали и по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“, Одделот утврди дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин. Со наведените дејствија, Б.Ј. постапил спротивно на чл. 12 т.1, чл. 13 с.1 т.8 од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Во врска со настанот, од страна на Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано оддление за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција доставено е известување заради запознавање на јавниот обвинител.
Исто така, од страна на ОВККИПС беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина бидејќи истиот како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК. Истиот откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со други МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС исто така беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. откако МССК биле вратени, истите не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и Б.А.. Против полицискиот службеник Б.Ј. Одделот изрече задолжителна мерка отстранување од работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.
Македонија
Стоилковиќ на средба со претставници на граѓански организации на различните етнички заедници во земјата
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска одржа работна средба со претставници на граѓански организации кои ги претставуваат различните етнички заедници во земјата.
Средбата била организирана на иницијатива на вицепремиерот и министер Стоилковиќ, со цел навремено информирање на претставниците на заедниците за програмските активности и планираните проекти на Министерството за односи меѓу заедниците во текот на оваа календарска година, како и за приоритетите во претстојниот период.

На средбата присуствуваа претставници на организации од турската, бошњачката, ромската, српската и влашката заедница, како и претставници на други граѓански организации кои делуваат во насока на унапредување на меѓуетничката соработка, еднаквите можности и општествената кохезија, и тоа: Ерхан Махмутовиќ и Џемиљ Кучевиќ од Јени Јол, Тахсин Ибрахим од АДЕКСАМ и Зехријан Салих од Асоцијација на турски новинари во Македонија од турската заедница; Изета Бабачиќ од Диванхана од бошњачката заедница; Ахмет Јашаревски од Центар за ромска заедница ДРОМ – Куманово, Надир Реџепи од ИНСОК и Сејнур Сефер од Ромски ресурсен центар претставници на ромската заедница; Василка Китановиќ од Српски културен центар, Гордана Јовиќ – Стојковска од Српска заедница во Македонија и Зоран Жугиќ од Заедница на Србите во Македонија и Битола како дел од српската заедница; Јана Михаилова и Марија Николова од Интегра нау и Горги Горгиев од Здружението на стопанственици Власи од Македонија Мандра од влашката заедница; Бесир Дерњани од Фондација Албиз – Скопје, Флорент Бајрами од Заеднички вредности и Пранвера Касами од Институт за лидерство и јавни политики – Тетово.
„Во текот на состанокот министерот Стоилковиќ ги презентираше програмата и стратешките цели на Министерството, при што беше отворена конструктивна дискусија за начинот на реализација на проектите, нивната ефикасност и навремена имплементација. Посебен акцент беше ставен на предизвиците со кои се соочуваат помалите заедници, како и на потребата од институционална поддршка и партнерски однос со граѓанскиот сектор“, се наведува во соопштението.

