Македонија
Дисциплинската комисија бара разрешување на Вилма Русковска од обвинителската функција
Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против трите јавни обвинителки, за обвинителката Вилма Русковска бара разрешување од обвинителската функција.
„За поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители“, велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тие донеле одлуки и за другите обвинителки: Ивана Трајчева, која ја заменувала Русковска, е казнета со намалување на платата, а Елизабета Јосифовска е ослободена иако таа го потпишала документот за претрес.
„За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда, изречена е дисциплинска мерка – намалување на месечната плата во висина од 30 % од исплатената нето-плата во траење од 6 месеци. За друга јавна обвинителка, пак, комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“, соопшти ЈОРМ.
Судирот меѓу Вилма Русковска и ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муамери, резултира со дисциплинска постапка за обвинителките. Тој обвинуваше дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот. Дисциплинска беше отворена по предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше и суспендирана од работа, а за тоа рече дека оваа атака ја доживува како удар и врз правото и правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и топло, попладне краткотраен пороен дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во четврток и петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од четврток до сабота ќе биде во постепено опаѓање.
Македонија
„СДСМ нема да трпи уцени, ќе пропаднат обидите да се подели партијата“, вели Филипче
Носителот на изборната листа четири на СДСМ и Коалицијата, Венко Филипче, денес беше во посета на Валандово каде оствари средби со граѓани. Филипче ги промовираше мерките за земјоделците и се осврна на актуелната политичка состојба и пораките од партиите.
„СДСМ нема да трпи уцени. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ. Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ. Паднаа маските, се открија скриените коалиции кои имале за цел ослабување на СДСМ. Но, за нивна несреќа тоа нема да се случи. Ја верувам дека има доволно време до 8 мај, оние кои сега ја видоа скриената агенда на ЗНАМ, да ја преиспитаат одлуката и да ја подржат СДСМ на изборите“, рече Филипче.
Македонија
„Врвен претставник на криминал и корупција во Македонија е Артан Груби, доаѓа време на одговорност“, рече Николоски од Струмица
„Очекувам историски најголема победа за ВМРО-ДПМНЕ, со најголема разлика, најмногу гласови за Гордана Силјановска Давкова, најмногу гласови за Христијан Мицкоски за стабилна Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4 на митингот во Струмица.
„Пред нас престои сериозна работа во деновите кои што доаѓаат, да се сретнеме со секој кој што сака да ни отвори, да поразговараме со сите кои што сакаат да не слушнат и да ги поканиме сите да излезат на гласање. Потребна е голема референдумска излезност и потребен е концентриран глас за ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што сите кои што се незадоволни од актуелната власт на заминување треба да знаат дека само глас за ВМРО-ДПМНЕ значи промена“, порача Николоски.
Николоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање.
„Мојот противкандидат е човек кој што го уништи македонското здравство. Човек кој што ќе биде запишан на најцрните страници на македонската историја затоа што го уништи здравството и ја внесе корупцијата во него. Но, најголем дел од здравствените работници и докторите не се такви. Јас сакам вечерва да се заблагодарам и да го повикам и да го поздравите со нас вечерва е професор доктор Виктор Камнар, најдобриот македонски ортопед, човекот кој што ја направи првата трансплантација на коски во Македонија и во регионот. Камнар е човек кој што е претставник на чесните доктори и чесните лекари, на оние кои што сакаат да го градат македонското здравство и оние кои што не ги злоупотребуваат пациенти туку остануваат со нив секогаш кога им е потребно“, рече Николоски.
Тој посочи дека овие избори се избори во кои што ќе се стави крај на криминалот и корупцијата. Избори во кои што ВМРО-ДПМНЕ ја бара поддршката од граѓаните покрај СДСМ и ДУИ да се испрати во длабока опозиција.
„Ние сме многу сериозни во ова што го ветуваме, ние стоиме позади нашиот збор. И доколку ја добиеме вашата поддршка во огромен број како што ја очекуваме, ДУИ ќе оди во опозиција и ќе одговараат за криминалот и корупцијата кои што ги прават во Македонија“, укажа Николоски.
Николоски додаде дека врвен претставник на криминал и корупција во Македонија е Артан Груби.
„Сакам да го поздравам од овде од Струмица, и да му кажам дека ќе му ја испитаме цела работа од точка до запирка, се што правел ќе биде испитано. Ама исто така и сите наводи за криминалот што го прави и за притисоците кои што ги прави. Ќе испитаме и што прави другар му Перпарим во Лотарија на Македонија, и што правеа со притисоците за Законот за игри на среќа, и која е неговата улога во казината во Македонија, каква е неговата поврзаност со бројни градежни фирми во Македонија, каква е неговата поврзаност со спортските клубови кои што се се освен спортски клубови. И да му кажам од овде дека нема да му дозволиме нему блиска фирма да копа во Беласица, да отворат тука рудник за нивните камиони и багери да вртат. ДУИ нема да работи во Струмица и струмичко“, порача тој.
Тој нагласи дека одговорноста е битна работа и тоа е најпотребно во Македонија. Одговорност ќе има со помош на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.