Македонија
Дожд, грмежи и локално невреме во наредните денови се до вторник

Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно од пладневните часови со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, чести електрични празнења, силен ветер (над 70км/ч.) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната од 29 до 36 степени. УВ=8
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со услови за краткотраен дожд. Од пладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Минималната температура ќе биде 19, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до вторник ќе се задржи променливо облачно, врнежливо и посвежо време, претежно попладне наместа со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Таравари во скутот на Ахмети ја пее неговата песна

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Арбен Таравари дека го сменил ставот кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, под притисок и уцени, и дека сега работи во корист на ДУИ и Али Ахмети.
„Арбен Таравари уште еднаш го покажа своето вистинско лице, човек кој до скоро јавно го фалеше Христијан Мицкоски и соработуваше со него, денес неосновано го напаѓа, само затоа што е уценет и мора да ја пее песната на Али Ахмети“, се наведува во соопштението на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Таравари додека бил дел од Владата не изнесувал критики, туку зборувал за искреноста, капацитетот и посветеноста на Мицкоски, а дека сега, „кога го притиснаа со некои папки и му дојдоа некои потсетници“, решил да стане „гласноговорник на ДУИ“.
„Како и некои функционери на СДС и градоначалничката на Скопје, сега и Таравари е ставен во непријатниот скут на Ахмети, ама очигледно, кога ќе се намести убаво, скутот не му пречи“, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата заклучуваат дека „виновникот не е Ахмети, туку самиот Таравари, кој од човек со кредибилитет стана симбол за политичко понижување“, додавајќи дека „народот гледа сè“ и дека „на крајот, секој ќе си го добие заслуженото“.