Македонија
Долговите кон извршителите застаруваат, Уставниот суд не ги прифати иницијативите за поништување на последните законски измени
Уставниот суд на денешната седница не ги прифати иницијативите да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од јули минатата година, кои пропишаа застарување на извршувањата, овозможија граѓаните да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител, да бараат намалување на каматите оти тие не смее да го надминат износот на основниот долг и низа други олеснувања за граѓаните.
„Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од причина што смета дека двата закона се во согласност со Уставот. Ова значи дека не се прифатени наводите на подносителите од 15 иницијативи, кои за овој предмет беа поднесени до судот. Остануваат во правниот промет сите членови од измените на Законот за облигационите односи, како што е членот 1, кој дефинира дека износот на достасаната, неисплатена казнена камата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниниот долг. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието, предвидело да се ограничи висината на казнената камата кога ќе го достигне износот на главниот долг. Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле. Судот оцени и дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилегирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво“, соопшти Уставниот суд попладнево.
Извршителите реагираа веднаш по усвојувањето на измените на законите и заедно со адвокатите, поддржани од коморите, побараа Уставниот суд да ги поништи измените. Во барањето за поништување на законите наведоа дека со измените во нееднаква положба се ставаат странките, односно се врши дискриминација на доверителите, а должниците се ставаат во привилегирана состојба. Тие негодуваа поради тоа што измените на законите по изминување на периодот од 10 години како апсолутен рок на застареност, сметано од денот на поднесување на барањето за извршување, се гасат правата на доверителите за наплата на побарувањата и со тоа должниците се целосно ослободени од секаква обврска што ја имаат кон доверителите. За подносителите на иницијативата, ваквото законско решение има негативно влијание во однос на еднаквоста на странките во облигациониот однос.
Иако измените на законите беа донесени во јули минатата година и граѓаните што имаа блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години можеа да побараат деблокирање, извршителите не постапуваа по нивните барања. Во изминатите пет месеци имаше и граѓани што извршителите ги препраќаа во судовите за бришење на застарените долгови или деблокирање на сметките, па многумина почна и такви постапки, но и судиите не постапуваа по измените.
Денешната одлука на Уставниот суд само ги потврди измените изгласани во јули минатата година, па граѓаните што имаат блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години може да побараат деблокирање, да побараат застарување на долгот или доколку не им поминале 10 години од извршителското решение, да побараат намалување на каматите, кои не смее да бидат поголеми од основниот долг, а извршителите и судиите мора да постапуваат по измените изгласани во јули минаата година.
Активистката Ана Глигорова, која со месеци организира протести и гласно бараше извршителите да постапуваат по изгласаните измени на законите, попладнево објави дека Уставниот суд донел правилна одлука со тоа што не ги прифатил иницијативите за поништување на измените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

