Македонија
ДОМ: Европските зелени усвоија итна резолуција за почнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ
На 30. совет на европските зелени, кој се одржа од 8 до 10 ноември во Тампере, Финска, беше усвоена итна резолуција за почнување на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ. Во резолуцијата се истакнува:
„И покрај континуираните препораки на Европската комисија, Европскиот совет веќе неколку пати не дозволува да почнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Двете земји беа уверувани дека преговорите ќе може да почнат кога тие ќе ги исполнат барањата. Северна Македонија и Албанија ги исполнија тие барања, но Европскиот совет го прекрши ветувањето на Европа. Со декларацијата од Солун донесена во 2003 година, ЕУ јасно го изрази ставот дека земјите од Западен Балкан треба да се интегрираат во евро-атлантските структури и да станат членки на Европската Унија. Северна Македонија вложи исклучителни напори за да ја отвори вратата кон Европа со склучувањето на билатералните договори со Бугарија, а особено со историскиот преспански договор со Грција. Земјата направи исклучително тешки и истовремено многу храбри чекори за да се надминат децениската блокада и безизлезноста. Но, европскиот совет направи страшно предавство спрема земјата наместо да ги награди овие напори.
Одреден број земји членки се премислуваа и во минатото, што е неприфатливо. Овој пат Франција, Данска и Холандија ја блокираа Албанија, а само Франција ја блокира Северна Македонија. Со овие одлуки е направена грешка со историски димензии. Ги повикуваме нашите членки – зелените партии во Холандија, Франција и Данска, да извршат влијание врз нивните влади да не ги блокираат пристапните преговори.
Европските зелени не го прифаќаат ова статус кво. Ние ги поддржуваме напорите на нашите партнери во Северна Македонија и Албанија за вклучување на земјите во европското семејство на нации, а особено ги цениме напорите на нашите членки Демократската обнова на Македонија (ДОМ) во Северна Македонија и Partia e Gjelbër во Албанија. Ја повторуваме и истакнуваме нашата цврста решеност да се повлече ветото што ги затвори вратите за овие две земји. Европските еелени го повикуваат европскиот совет уште пред самитот во Загреб во мај во 2020 година да се наврати на темата за проширувањето, а негативните одлуки да бидат повлечени.
Му се заблагодаруваме на финското ротирачко претседателство со ЕУ за напорите да се надмине оваа блокада и го повикуваме хрватското претседателство да направи сè што е потребно за најпосле ЕУ да го одржи ветувањето дадено на своите соседи во Западен Балкан – Северна Македонија и Албанија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

