Македонија
Донација од 100 инвалидски колички и слушни апарати од турската Црвена полумесечина
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска прими донација на инвалидски колички, слушни апарати и средства за хигиена од Црвената полумесечина на Турција.
„Република Турција и Република Северна Македонија се пријателски земји, кои имаат одлична соработка на многу полиња. За нас како ресорно Министерство, кое се грижи за најранливите категории граѓани, особено е важна соработката со хуманитарните организации затоа што секоја помош и поддршка се добредојдени“, рече министерката Шахпаска.
Таа ја посочи соработката со Црвениот крст на Македонија како најстара хуманитарна организација во нашата држава, особено значајна, пред сѐ, во време на пандемија, но и, генерално, сите изминати години. Притоа особено ја потенцира одличната соработка со турската Црвена полумесечина, од која произлезе и денешната донација од сто инвалидски колички, 25 слушни апарати и пакети со хигиенски средства.
„Турската Црвена полумесечина и Црвениот крст на Северна Македонија припаѓаат во големото црвено семејство, каде што членуваат околу 110 организации, браќа, кои несебично си помагаат“, рече генералниот директор на Црвената полумесечина, Ибрахим Алтан. Тој ја истакна одличната соработка со Црвениот крст на Северна Македонија и изрази уверување за нејзино продлабочување во иднина.
Заменик-министерот Енвер Хусејин информира дека со донацијата ќе бидат опфатени неколку општини, меѓу кои Радовиш, Струмица, Гевгелија, Робово и дел од Скопје. Тој ја истакна важноста на соработката меѓу двете хуманитарни организации, Црвениот крст и Црвената полумесечина, како особено значајна за што потврдува и оваа донација, која ќе одговори на потребите на некои од граѓаните што им припаѓаат на ранливите категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ бара зголемување на минималната плата и се приклучува на протестот на работниците
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за утре, 28 јануари.
„Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјава. ССНМ смета дека приклучување на протестот на кој повикува Сојузот на синдикати и е закажан за среда од 17 часот е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците“, смета синдикатот.
Од таму велат дека аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи особено во медиумската индустрија која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа што, во продолжение се рефлектира, и врз целокупните општествени процеси во Македонија.
Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјава, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и останати кои од работодавачите се „држат“ на минималната плата. Со оглед на тоа дека голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата.
„Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување на истата е недоволно и дека со подигнување на сумата, голем дел од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјава“, велат од ССНМ.
Македонија
Стоилковиќ со честитка за Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, го честита Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, РС Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија!“, пишува во честитката.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“

