Македонија
Досие „Маѓар телеком“: 7,5 милиони евра за „пријателите од Тетово“ и за страната „А“
Поранешниот министер за транспорт и врски од ДУИ, Џемали Мехази, еден час одговараше на прашања на обвинителката Лиле Стефанова, во сведочењето за случајот „Маѓар телеком”.
Стефанова на Мехази му ги предочи протоколот за соработка меѓу македонската влада и и „Матав-Маѓар” и нон-пејперот од 2005 година во кој, на документот стојат имињата на Владо Бучковски како страна „А” и „пријателите од Тетово”.
Според содржината на документот на кој стои ознаката „доверливо”, а кој СЈО го добило директно од Американската комисија за хартии од вредност, „Маѓар-матав”, ќе ѝ исплати 2,5 милиони евра на страната „А”, т.е. на Владо Бучковски, чие име стои на документот, и 5 милиони евра на „пријателите од Тетово” со иницијали А. А. и М. Џ.
Мехази рече дека потписот на протоколот е негов, но не се сеќава на деталите, затоа што не учествувал во составувањето, туку само го потпишал. Не знаеше дали договорот за соработка е заведен во деловодните книги на Министерството за транспорт и врски, оти, како што рече, поминало многу време.

Обвинителката Лиле Стефанова рече, според нон-пејперот за реализација на протоколот, парите ќе бидат исплатени во 3 рати: 2,5 милиони евра на денот на потпишувањето, 2,5 милиони евра до 30 декември 2005 година и 2,5 милиони евра до јуни 2006 година.
Повикан е со замолница и Гркот Михалис Кефалојанис како сведок, но сè уште нема одговор. На следното рочиште судијката Ленка Давиткова го закажа на 27 март кога треба да сведочат ексразузнавачот Слободан Богоевски и уште еден сведок.
Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат, Гркот Михаил Кефалијанис и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата.
На сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Ролф Плат и Кишјакус. Обвинението против тројцата ексдиректори било поднесено во Основниот суд Скопје 1 во првата половина на 2011 година, а првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус. Михалис Кефалојанис нема да одговара за овој случај, бидејќи обвинителот Марко Зврлевски за него ја отфрлил кривичната пријава.
Тројца ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар.
Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултански и маркетинг-услуги. Елег Штрауб и Андраш Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија парични казни, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди да плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.
Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.
СЈО водеше и предистражна постапка за случајот, која, најверојатно, ќе биде дел од тезата што ќе се обидат да ја докажат. Скопското обвинителство долго време не му го даваше на СЈО предметот „Маѓар телеком“ со образложение дека не се поврзани ниту, пак, произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.

