Македонија
Доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари, Аеродром ќе биде најповрзаната општина, најави Ѓорѓиевски
На денешниот народен митинг во Аеродром во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ се обрати и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски претставувајќи ги проектите од програмата кои ќе се реализираат во општина Аеродром.
Ѓорѓиевски истакна дека, во соработка со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески прво ќе се зафатат со решавање на сообраќајниот хаос и поврзување на Аеродром како никогаш досега.
„Конечно ќе го завршиме булеварот „АСНОМ“ и ќе ве поврземе со Гази Баба преку новиот мост. Ќе го изградиме и булеварот „Февруарски поход“ со нов мост преку Вардар, со што отвораме целосно нов коридор кон Гази Баба и кон новиот мега парк Вардариште. Предвидуваме реконструкција на улицата Фрањо Клуз, и пробивање на булеварот Борис Кидрич. Аеродром нема повеќе да биде сообраќаен остров, туку најповрзаната општина во Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Додаде дека ќе го решат секојдневниот урбан хаос и дека, пред сè, ќе се воведе ред со ставање крај на опасниот сообраќај кај „Тобако 2“ со изградба на модерен двоен кружен тек, зошто безбедноста на децата кои одат во училиште е на прво место.
„И конечно, го решаваме хроничниот проблем со паркирањето. Ќе изградиме монтажни катни гаражи во Ново Лисиче, Јане Сандански и Мичурин. Доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари“, истакна Ѓорѓиевски.
Исто така, додаде Ѓорѓиевски, ќе инвестираме во здрава животна средина, за здравјето на нашите семејства.
„Ќе го решиме деценискиот еколошки проблем со Усјанскиот канал, со негово целосно затворање и претворање во уредена, зелена пешачка зона со нова урбана опрема. Ќе го решиме проблемот со Вардариште. Јас ви ветувам на сите аеродромци дека, конечно, проблемот со Вардариште ќе биде во нашиот четири годишен мандат. На крајот на мојот мандат тоа ќе биде модерен парк, а кејот на Вардар ќе биде направен до Долно Лисиче“, се заложи Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.

