Македонија
До петок стабилно и топло време, в сабота дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, претежно сончево и топло слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне 32 степени.
До петок ќе се задржи стабилно и топло време. В сабота ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од недела температурите ќе бидат во постепено опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Луѓе на Заев се кандидатите за градоначалници што ги предлага Филипче

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, и денеска упати критики до раководството на СДСM, обвинувајќи дека кандидатите за градоначалници кои ги предлага партискиот лидер Венко Филипче се, како што рече, луѓе на Зоран Заев.
„Луѓе на Заев се кандидатите на Филипче, истата матрица само различни луѓе“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСM продолжува да функционира под влијание на поранешниот премиер.
Според него, кандидатите се определени со одобрување од Заев, а Филипче е само обична фигура без право на глас. Како пример го наведе кандидатот за Куманово, Мартин Костовски, за кого рече дека е близок соработник и функционер на СДСМ под влијание на Заев.
„Човекот кој беше директор на Службен весник, пратеник, а сега организационен секретар на СДС, е таму само затоа што е послушник на Заев. Како ќе каже Заев, така Костовски прави“, изјави Мицевски.
Тој посочи дека Филипче, како претседател на партијата, нема реална моќ и дека предлог-кандидатите мора да ги испорача во знак на благодарност кон Заев.
Според Мицевски, кандидатите се синоним за неспособност и пораз уште во првиот круг на локалните избори.
Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.