Македонија
До полноќ ги качувавме машините, му вели изведувачот на објектите на Латас
Во кривичниот суд во Скопје почна репродуцирањето на 137 бомби кои вкупно траат 9 часа на судскиот процес за случајот „Тревник“, во кој е осомничен Драган Павловиќ Латас за изградбата на три викенд-куќи во општина Зелениково.
Адвокатката на Латас побара јавноста да биде исклучена при пуштање на 2 бомби, поради, како што рече, заштита на приватниот интерес на нејзиниот клиент. Обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска се спротивстави на ваквото барање и предложи јавноста да биде исклучена само на почетокот на 2 бомби за заштита на приватноста на обвинетиот, а во останатиот дел јавноста ќе може да ги слуша бомбите.
Првиот разговор е од мај 2011 година во кој Латас, разговара со Злате Анастасов, управител на фирмата „ДИЗ Оил”. „Ние направивме пат, а газдата го нема”, на шега му вели Анастасов на Латас при обработката на земјиштето за изградба на пат. Латас му одговара дека очекува да почнат и втора и трета фаза.
„До 12 на полноќ ги качувавме машините, па луѓе се собраа…”, му раскажува Анастасов на Латас.
Латас бара СЈО да докаже автентичност на бомбите. Според него, беспредметно да се донесе пресуда врз основа на бомбите за што е предвидена казна затвор од најмалку 4 години.
Во случајот покрај Латас, се обвинети и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ. Според обвинението, тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и друга документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Среќа што СДС не е на власт, инаку ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја
СДС не се на власт поради тоа што го погазија македонскиот идентитет, јазик и историја. Го променија знамето, името и Уставот. И кога СДС говори за евроинтеграции најголемиот успех е сликата од авионот, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нивните “успеси” се срам за македонските граѓани.
Среќа што СДС не е на власт, инаку ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја. До толку ја сакаат власта да би прифатиле да бидеме и бугарска покраина, а за Гоце, Даме, Сандански уште утре ќе напишат дека се Бугари.
Но, затоа и не се на власт“.
Затоа што, како што додаваат од партијата на власт, граѓаните ја дадоа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ќе ја внесе Македонија во ЕУ, без да се погази волјата на граѓаните.
Македонија
ВМРО намерно ги стопира ЕУ интеграциите, велат од СДСМ
Според СДСМ, прашањето на македонскиот јазик и Планот за правата на заедниците не се тема на билатерални односи.
Како што додаваат од оваа партија, темата со македонски јазик во ЕУ е затврена и завршена.
„Македонија го има и првиот Договор со ЕУ потпишан на Македонски јазик. Договорот за Фронтекс го потпиша дури и Бугарија, со што македонскиот јазик е официјано признаен и во ЕУ.
Зошто прашања со Бугарија за македонски јазик се отвораат сега кога се затворени во ЕУ?
Како што веќе многупати кажавме, затоа што ВМРО намерно го стопира процесот на евроинтеграции и намерно измислува теми, како последната со Бугарија.
Затоа што сака изолација на Македонија. За да може да продолжат со грабежот преку тендерите, како што се, на пример, 161 тендер на една фирма, 9 милиони евра за друга, 1,2 милиони евра тендери од Пошта за фирма блиска до ЗНАМ и многу други“.
Ова, како што оценуваат во опозициската партија е само уште еден доказ за сè она што СДСМ го говори во јавноста во изминатиот период.
„Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сакаат ниту да ја отворат темата за членство во ЕУ, затоа што сакаат да го прекинат процесот на евроинтеграции, да распишат избори а потоа да донесат мигранти. Тоа е нивниот план“.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец декември 2025 година.
Исплатата се однесува на следните права: Гарантирана минимална помош; Гарантиран Детски додаток;
Додаток за социјално домување; Еднократна парична помош; Еднократна парична помош за новороденче; Образовен додаток; Образовен додаток – студирање; Родителски додаток за трето дете;
Социјална сигурност за стари лица; Траен надоместок; Цивилна инвалиднина; Сместување во згрижувачко семејство.
Исплатата на правата: Посебен додаток, Парична помош за попреченост и Туѓа нега ќе се изврши дополнително.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Јануари 2026 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.01.2026– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.01.2026– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

