Македонија
Драги Рашковски поднесе оставка
Драги Рашковски, утрово, на својот „Фејсбук“ објави дека поднесува оставка од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и стратешките проекти. Датумот на писмото до премиерот Зоран Заев е 12 април.
Како што наведува во писмото, повлекувањето е поврзано со зачувување на достоинството и интегритетот.
„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање зад функции. За лажните вести, најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат зашто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Сѐ поинакво од тоа е лажна вест“, пишува Рашковски.
Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го…
Posted by Dragi Raskovski on Tuesday, 13 April 2021
Неговото име во последниот период е поврзано со многу скандали, тендери, непријавен имот, злоупотреби на службената должност. Во Државната комисија за спречување на корупцијата отворени се предмети за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот, кој Рашковски како генерален секретар на Владата го распишал без знаење на МВР. Се проверува и неговата имотна состојба, која не е еднаква со пријавеното во имотниот лист. Името на Рашковски се споменува и во скандалот со италијанската компанија „Леонардо“ за опрема на скопскиот аеродром. Во неговиот анкетен лист го нема и земјиштето кај Побожје, на кое планира да изгради куќа од 800 квадратни метри, а го нема и џипот „волво“, кој вреди 70 илјади евра. Рашковски беше автор и на неколку проекти што упорно ги туркаше во Владата, ама поради многубројни реакции од јавноста не се реализираа (проектот со брзата помош со хеликоптерите и проектот за јавно-приватно партнерство за наплата на акцизните стоки).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со новиот закон ќе биде забрането пушењето цигари пред игротеки и на места каде што се чека во редица за билети
Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето е предвидено регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде има присуство или движење на повеќе луѓе. Поконкретно, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства.
„Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите“, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население.
Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.
Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите, појаснува министерот Алиу.
Македонија
Со поддршка од ЕУ, поставени темелите за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион
Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со проектниот конзорциум ENVIROPLAN S.A. (лидер) – WEGlobal, денеска во Скопје ја одржа завршната работилница од проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион (NEAR/SKP/2022/EA-RP/0137)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата, со што формално беше означено завршувањето на имплементацијата на проектот.
На отворањето на настанот, поздравни обраќања имаа заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефан Худолин, при што беше истакната стратешката важност на проектот за воспоставување интегриран, одржлив и со европските стандарди усогласен систем за управување со отпад на регионално ниво.
Целта на работилницата беше да се презентираат целите на проектот, клучните активности и постигнатите резултати, како и да се отворат дискусии за следните чекори во насока на целосна имплементација на регионалните системи за управување со отпад во двата плански региони, во согласност со европското законодавство и Зелената агенда за Западен Балкан. Проектот претставува клучен предуслов за премин од фрагментирани кон системски решенија во управувањето со отпадот.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласи дека проектот претставува значаен исчекор од планови кон реализација:
„Овој проект покажува дека европските политики не остануваат само на хартија, туку се преточуваат во конкретни и мерливи резултати на терен – преку зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за одржливо управување со отпад.“
Таа додаде дека реализираните активности создаваат стабилна основа за следната фаза:
„Со овој проект ги поставуваме темелите за воспоставување функционални регионални системи за управување со отпад, со јасна визија за нивна изградба и практична имплементација, во интерес на граѓаните и животната средина.“
Проектот, кој се спроведуваше во период од 24 месеци, опфати изработка на стратешки и технички документи, студии за влијание врз животната средина, зајакнување на капацитетите на општините и јавните комунални претпријатија, како и набавка на возила и контејнери за сите 18 општини во Источниот и Североисточниот регион. Со проектните активности, особено во Источниот регион, беа затворени и критични и нестандардни локации, со што беше даден јасен придонес кон намалување на дивите депонии и унапредување на еколошките стандарди.
Проектот претставува значаен придонес во процесот на усогласување со законодавството на Европската Унија во областа на животната средина и е составен дел од спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, како и од националните напори за воспоставување одржливи и модерни системи за управување со отпад.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски политиката ја сведе на таблоид
Премиерот Мицкоски политиката во земјата ја сведе на ниво на таблоид. Наместо решенија и одговори за проблемите со кои граѓаните се соочуваат, сведоци сме на празни изјави на премиерот на ниво на жолт печат, без суштина, без реална политика, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова не е политика, туку дефокус. Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите, а тоа е примарна цел на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Додека течат криминални тендери зад грбот на народот му се сервираат измислени афери, црни кампањи, јавен линч врз опозицијата“, рече тој.
Последниот пример, додаде Филипче, е сите да се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и црната кампања на ВМРО против мене, со Жан Митрев, додека се увезуваат 10.000 „економски работници“.
„Ќе објават една лажна вест за зграда во Дубаи, а во позадина ќе протуркаат Декрет во Собранието. Целото внимание намерно се насочува кон нешто измислено. Ќе објавуваат нова измислица освен зградата од 42 ката во Дубаи, некое патување во Дубаи преку Венеција., а во позадина се протнува Закон за странци како вовед во носењето на мигранти, односно „економски работници“. Објавуваат лага на Жан Митрев на Алфта ТВ, нов фабрикуван случај „рекет“ а под маса си делат тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општините, 1,2 милиони евра тендери преку пошта, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени. Во следните денови следат нови бомби, нашиот АКТ тим работи врз основа на информации коишто се аплицираат на нашата антикорупциска платформа. Огромен број од информациите доаѓаат од членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту една институција досега нема преземено ништо за ниту еден од овие скандали“, рече Филипче.
Тој истакна дека секогаш кога ќе излезе некоја измислена, фабрикувана афера, тоа е дефокус.
„Секогаш кога ќе прочитате текст од кујните на ВМРО, Вие, почитувани граѓани треба да знаете дека се случува уште една пљачка зад вашиот грб. Прават дефокус за вие тоа да не го видите. Планот е едноставен: изолација, избори, па мигранти за пари. Но разоткриени се и ова нема да помине. Секој нивни чекор го знаеме однапред“, рече лидерот на СДСМ.

