Македонија
Државата ќе плаќа за кратење желудник на прекумерно дебелите, а операцијата ќе се прави кај нас место во странство
Место во странство, 40 пациенти со прекумерна дебелина ќе може да направат операција за намалување на тежината кај нас, а трошокот ќе го покрие Фондот за здравствено осигурување. Клиниката за дигестивна хирургија е подготвена до крајот на месецот или на почетокот на следниот да почне со операции. За операција ќе бидат издвоени пациенти што веќе лекуваат дебелина во центрите за дебелина кај нас, но фармаколошкиот начин на лекување и промената на животниот стил не дале резултат. Огнен Костовски, директор на Клиниката за дигестивна хирургија, е благодарен што процедурите што ќе ги изведуваат се препознаени како процедури за отстранување заболувања, а не естетски, оти дебелината е болест.
„Имаме буџет за 30 пациенти, кои би биле за хируршко лекување, и 10 за експандирачка капсула. Кон крајот на овој месец или следниот би можел да најавам дека би почнале првите интервенции кои би биле на товар на Фондот за здравство. Сите пациенти би биле регрутирани преку центрите за дебелина. Тоа ќе бидат оние пациенти кај кои конзервативниот третман не дал резултат. Хируршкиот тим е комплетно подготвен. Имаме соработка со два центри, двајца наши хирурзи беа на обука на Малта. Имаме соработка со центарот за минимално инвазивна хирургија во Ниш. Првите интервенции на некој начин, пластично кажано, ќе бидат и со странска рака. Не дека ние го немаме искуството, вакви интервенции кај нас се вршени и претходно, со тоа што сега веќе ќе биде стандардизирање на процедурите“, вели Костовски и нагласува дека на ваков начин обезноста ќе се третира и кај нас како што се третира во светски рамки.
За намалување на проблемите со прекумерна дебелина, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вели дека треба да почне да се работи во училиштата.
„Сметам дека мора да направиме исчекор во забрана на џанк-храна во школските згради и во школските дворови. Џанк-храна за мене се шеќерни производи, чипс и газирани производи со многу шеќер. Да се обидеме ужините и храната во училиштата, бидејќи тоа е времето кога се стекнуваат прехранбени навики, да имаат што повеќе свежи продукти и сè повеќе да говориме за проблемот бидејќи лесен пат нема“, рече директорот Клековски за кого на дебелината веќе не се гледа како на естетски проблем, туку здравствен.
Танер Хасан, директорот на Клиниката за ендокринологија, денес, на одбележувањето на Светскиот ден на обезност, рече дека за една и пол година, колку што постои Центарот за обезност во рамките на Клиниката, се направени речиси 2.000 прегледи, а во истиот центар во ГОБ „8 Септември“ има приближно 1.500 прегледи. Тој најави дека до мај ќе биде отворен центар за дебелина во Прилеп, а неопходно е да се отворат исти центри и во другите делови на внатрешноста на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.
Македонија
Новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците, децата од центарот за рехабилитација
Традиционално и годинавабеа доделени новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците- децата од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Битола.
Дедо Мраз предизвика радост кај децата, а од името на Општина Битола празниците им ги честиташе секретарот на општината Борче Димитровски.
Во овој Центар кој работи со деца со посебни потреби денеска беше предновогодишно весело.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.

