Македонија
ДУИ во коалиција со Унијата на Ромите
По потпишувањето на коалицијата за Европскиот фронт со ДПA на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ДЕП на Аријан Хоџа и Демократска партија на Турците (ТДП), претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети одржа конференција за медиумите, каде што беше потпишан коалицискиот договор со Фатма Османоска, претседател на партијата Унија на ромите.
Претседателот на Демократската унија за интеграција , Али Ахмети ја истакна важноста на коалицијата помеѓу двете заедници, онаа на Ромите и Албанците и силата што ќе ја има Европскиот фронт во борбата против дискриминацијата и маргинализацијата на секоја заедница.
„Општина Шуто Оризари е единствената општина во Европа на ромската заедница и тоа е навистина за радување и за поддршка во сите сфери на животот. Почитувана претседателка на партијата, на средба со градоначалникот на општината, му реков, почитуван градоначалнче, немавте претставници за време на Охридскиот договор, јас ги претставував сите заедници кои немаа претставници таму, Роми, Турци, Власи, Бошњаци како и Трајковски чија евангелиска вера не ја признаваа. Г-ѓо претседателке, нема потреба да поставувате барања, ја имате нашата поддршка, јас доаѓам од народ кој бил дискриминиран, надгласуван и маргинализиран, затоа сите заедно ќе се бориме против дискриминацијата и маргинализацијата. Ромската заедница рамноправна со сите на истиот фронт. Сакам да му честитам на градоначалникот на Шуто Оризари за работата и соработката, кој оствари извонредна соработка со Албанците и советниците кои работат заедно, бидејќи градоначалникот е тој што доближува. Зборувам со голема одговорност, ќе не испробате и ќе видите какви партнери сме. Не само со зборови, туку и со дела. Ќе бидеме заедно на нашето патување, ќе ја направиме нашата земја членка на ЕУ, во нашата земја мора да владее правото, во нашата земја мора да владее вистинска демократија, а ние, Европскиот фронт, сме тие кои ќе ги градиме овие вредности. Вака како што сме заедно, на 24-ти април, да извојуваме убедлива победа и на 8-ми мај, неспорна победа. ДУИ ќе го направи невозможното, во овој мандат мора да има пратеничка Ромка, и таа ќе биде Фатма. Честитки, здравје и успех! Без дилеми, Европскиот фронт е победник на овие избори“, рече Ахмети.
Претседателката на Партијата на Унијата на Ромите, Фатма Османоска, рече дека денес единствен начин ромската заедница да најде поддршка и потпора е да се приклучи на еден единствен фронт каков што е Европскиот фронт.
„Почитуван премиере, почитуван господине Ахмети, почитувани сопартијци, советници и граѓани. Во кој фронт да се вклучи нашата партија, ако не во Европскиот фронт? Кого да избереме ако не оние со кои имаме иста визија. Ни рекоа, немате политичка сила, немате образован кадар, немате партија. Сега сме тука пред вратата на Европа, за да влеземе во ЕУ како рамноправни. Овој сојуз ќе ни даде можност да бидеме рамноправни. Како претседател, а и како партија гарантираме дека оваа соработка ќе успее“, рече Османовска.
Исто така, за важноста на Фронтот зборуваше и градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој истакна дека со овој фронт Ромите ќе почнат да го живеат сонот кој требаше одамна пред многу години, додавајќи дека фронтот ќе добие повеќе од 20 пратенички мандати.
„Ова што се случува во наше време, жалам што претходните ромски политичари не ја сфатија оваа можност, за да го искористат Рамковниот договор како што денес браќата Албанци ја искористија да бидат рамноправен народ со Македонците, но велам дека никогаш не е доцна. Оваа коалиција ќе донесе голема победа со плус 20 пратеници“, изјави градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ
27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Вооружени насилници на 27 април 2017 година, поттикнати од ДПМНЕ, упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во парламентот, да го загрозат уставниот поредок, ја доведоа државата пред амбис, на раб на граѓанска војна. Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години. Насилниците поддршка имаа и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание. Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток“, пишуваат од партијата.
„Ништо не е сменето во ДПМНЕ. Тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните. СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори. Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности“, се вели во соопштението на СДСМ.
Сервисни информации
Сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови со услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд
Времето денеска, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и во делови од регионот со услови за краткотарен пороен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степен.
Од недела следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за 3 до 5 степени.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.