Македонија
ДУИ: Истекувањето на рокот за уставните измени е критичен момент
Демократската унија за интеграција (ДУИ) повторно го потврдува своето непоколебливо залагање за европската интеграција на Северна Македонија. Времето дојде да се исполнат дадените ветувања на нашите граѓани, кои континуирано ја поддржуваат евро-атлантската патека на нашата земја. Последните настани, вклучително и претстојното отворање на преговорите на ЕУ со Албанија, јасно покажуваат дека просторот за одлучни чекори брзо се затвора, посочуваат од ДУИ.
„Истекувањето на рокот за уставните измени е критичен момент. Повеќе нема простор за одложувања, изговори или манипулации кои би го одбегнувале неизбежното. Уставните измени не се само правна обврска; тие претставуваат морална и стратешка императивност која обезбедува нашата држава да остане на патот кон европската интеграција. ДУИ секогаш била гарант на овој процес, и нема да дозволиме политички блокади да ја попречат иднината на нашите граѓани. Времето за колебање помина. Ги повикуваме сите политички актери, да постапат одговорно, зрело и решително во интерес на граѓаните и државата. Ова подразбира исполнување на обврските од преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени, што ќе го отвори патот за следните чекори во нашето членство во ЕУ“, додаваат од партијата.
Како што посочуваат, иднината на Северна Македонија е во рамките на Европската Унија.
„Мораме да се осигураме дека нашите постапки ја рефлектираат волјата на народот и жртвите направени низ децениите за да се обезбеди демократска и просперитетна иднина. Наративот на страв и дневната политика го потроши своето време; сега е време за лидерство и визија. Нашата одговорност не е само кон нашите гласачи, туку кон целата држава. Ги повикуваме сите страни да ги стават интересите на Северна Македонија и нејзините граѓани на прво место и да дејствуваат во согласност со европските аспирации кои нè обединуваат сите“, завршуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.

