Македонија
„ДУИ и СДС даваат македонско плодно земјиште за некој да ќарува со 30-годишна загарантирана цена преку фотоволтаици“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ДУИ и СДС имаат 2 нови бонбона бизниси, со кои сакаат да ги задолжат и неродените деца во Република Македонија. Се работи за 2 инвестиции, кои што македонската јавност треба да ги знае. Едната е изградба на т.н. агрофотоволтаик, кој што се протега во делот помеѓу Штип и Свети Николе, а втората е фотоволтаикот во општина Пехчево. Првиот агрофотоволтаик е француска инвестиција, а оној во Пехчево е бугарска инвестиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Со таканаречената инвестиција помеѓу Штип и Свети Николе, ќе има фотоволтаици на околу 500-тини хектари земјоделска плодна почва од прва, втора и трета категорија. Воедно сите земјоделци на тој потег, ќе го изгубат правото на користење на ова земјиште.
Таа земја ќе им се отстапи по 0,14 денари за м2 закуп, а имаат право потоа да ја дадат повторно, на некои индивидуални земјоделци, според ценовникот кој што го има државата, а тоа е 70 денари по м2. Значи тоа е 500 пати повеќе. Од ова само може да се заработи повеќе од 9 милиони евра годишно.
Таа енергија, која што ќе ја произведува инвеститорот, државата му гарантира цена во следните 30 години, дека ќе му ја откупува. Таа цена ќе биде 57 евра за мегават час. Со тоа што секоја година ќе расте до 2%, значи секоја година од прилика по едно евро ќе расте цената.
Годишниот приход од оваа загарантирана електрична енергија, што ќе ја продадат на државата е повеќе од 40 милиони евра. Што значи кога ќе се пресметаат добивката и сето она кое што претставува трошок, а е многу минимален како оперативен трошок, од 30 години за 7 ипол години ќе ја вратат инвестицијата. 22 и половина години тие ќе печалат на грбот на овој народ.
Криминалците од ДУИ и СДС, не мируваат ни во своите последни денови, ја користат секоја можност и секој ден, што повеќе да се збогатат на грбот на народот.
Сакаме да им порачаме дека им следи потоп во мај, од страна на граѓаните, а потоа граѓаните ќе добијат и правда, која сите ја бараат и на крај за криминалците ќе има одговорност“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: 45,88 отсто е одѕивот до 17 чaсот на избирачките места на кои има прегласување
До 17 чaсот, од вкупно запишани 4.514 гласачи на седумте избирачките места, гласале 2071 односно 45,88 отсто, објави Државната изборна комисија (ДИК).
Во ИМ 2101 во Желино гласале 503 гласачи односно 50,65%.
Во ИМ 1194 во Крушево, гласале 270 гласачи односно 57,57%.
Во ИМ 1202 во Крушево, гласале 85 гласачи односно 28,52 %.
Во ИМ 1272 во Охрид, гласале 306 гласачи односно 43,04%.
Во ИМ 1470 во Долнени, гласале 281 гласачи односно 42,71%.
Во ИМ 1470/1 во Долнени, гласале 234 гласачи односно 37,03%.
Во ИМ 1844 во Струга, гласале 392 гласачи односно 52,06 %.
Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 17 часот, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 0,14 отсто на овие избирачки места.
Македонија
Во ОКТА отворен првиот тренинг-центар за гасење пожари од нафтени деривати
Следејќи ја својата стратешка определба за етичко и општествено одговорно работење и, истовремено, поставувајќи ја безбедноста како врвен приоритет, ОКТА инвестираше во нов тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати, прв од ваков вид во земјава.
Новиот тренинг-центар ќе овозможи изведување на вежби и сценарија на противпожарната единица ОКТА во строго контролирани и безбедни услови за вработените и инфраструктурата на компанијата.
„Отворањето на овој тренинг-центар повторно ја потенцира нашата цврста и одлучна определба за инвестирање во капацитети и иницијативи кои треба да обезбедат одржлива иднина за ОКТА, но и да ја гарантираат безбедноста која што е наш врвен приоритет. Тренинг-центарот има исклучително значење за нашата компанија и ќе придонесе за натамошно одржување на високиот степен на подготвеност на нашиот противпожарен тим, но и на сите вработени во компанијата, за ефикасно справување со ризични ситуации поврзани со појава на пожари. Истовремено, подготвени сме нашето знаење и сите капацитети на овој центар да ги ставиме во служба на институциите, останатите компании и заедницата, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата општествена одговорност на која сме особено посветени и горди“, изјави Ице Рикалоски – директор на оператива во ОКТА АД Скопје.
На презентацијата на новиот тренинг-центар беше изведена и показна вежба на противпожарната единица на ОКТА која ја следеа претставници на Центарот за управување со кризи и на неколку противпожарни бригади од земјава.
Тренинг-центарот, со вкупна површина од 1.000 квадратни метри, е лоциран во кругот на ОКТА, изолиран од резервоарскиот парк и рутите на движење на цистерните со деривати. Ова овозможува сигурно и безбедно користење, тренирање и работа со отворен пламен, без никакви ризици по останатиот дел од инсталацијата. Непосредната близина на противпожарната служба на компанијата овозможува беспрекорна поддршка на корисниците на тренинг-центарот. Инфраструктурата на овој центар која што вклучува подземна хидрантска линија со поставени дополнителни четири (4) надземни хидранти за обезбедување на доволни количества вода во случај на итност, довод на дериват за изведување на вежбите, согласно претходно утврдени симулации, изведен според најстрогите API-стандарди и елементи за симулација и стручна практична обука овозможуваат безбедни и строго контролирани услови за тренинг и усовршување.
На почетокот центарот ќе функционира како полигон за обука и увежбување на техники за гасење пожари предизвикани од нафтени деривати и ќе се користи за обука на вработените во ОКТА, како и за заеднички вежби со противпожарните единици со кои компанијата има склучено меморандуми за соработка. Во следната фаза планирано е тренинг-центарот да се прошири и со реквизити за обука и тренинг за справување и со други видови пожари, како што се: пожари во затворени простории, пожари од А-категорија, но и во истражување на техники за спасување во случај на пожар во затворен простор. Истовремено, овој прв тренинг-центар ќе им биде ставен на располагање на државните институции, локалните самоуправи и на други компании, за вежби и обуки на своите противпожарни единици.
Противпожарната единица на ОКТА е основана со самиот почеток на работа на компанијата и располага со две целосно опремени противпожарни возила, како и друга дополнителна опрема за гасење пожари. Во процес на набавка на теренско возило 4×4 кое што е комплетно опремено со резервоари за вода и пенило, пумпа со висок притисок и сет од млазници за користење при интервенција на различни видови пожари. Оваа противпожарна единица брои 23 високо обучени професионалци, особено во делот на заштита од пожари и експлозии во нафтени индустрии, како и за гасење пожари во урбани средини. Досега единицата има забележено голем број успешни интервенции и надвор од кругот на ОКТА, особено во заедницата во која што работи и делува.
ПР
Македонија
Добивме уверувње од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат, рече Ескобар
Очекуваме дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, кажа заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет.
Ескобар, за време на разговорот за улогата на САД во услови на предизвици на Западен Балкан, беше прашан дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ и зголемената загриженост за Договорот од Преспа се` уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите.
„Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија [ВМРО-ДПМНЕ] која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат“, одговори Ескобар, пренесе „Гласот на Америка“,
Toj рече дека всушност „постои сè поголем реализам дека нема друга алтернатива“.
„Така, мислам дека ќе видиме и се надевам дека ќе видиме тој пат да продолжи да биде главна политичка цел на новата влада“.
Стејт департментот, на прашање на Гласот на Америка на македонски дали САД ќе ја повикаат Грција да ги изгласа меморандумите, како што ја повикаа и Северна Македонија да го почитува договорот, изјави дека „САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија“.
Oд прес-службата на Стејт департментот кажаа дека како што ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, САД ќе продолжат да ја истакнуваат важноста да се почитуваат „ меѓународните договори и придобивките од полноправното членство во Европската Унија“.