Македонија
Дурловски: Не барам милост туку правда, моите деца спиеја на моето место додека јас бев во ќелијата во Шутка
По една година од апсењето на Игор Дурловски, кој беше предводник на протестите на „Заедничка Македонија“, тој на социјалните мрежи напиша дека обвинителството не поседува ниедна снимка, ниеден цитат ниту доказ од каков било потпалувачки говор, како што пишува во обвинението против него поврзано со настаните од 27 април во Собранието. Дурловски тврди дека неговото присуство таму е чин на лојалност и поддршка на неколкуте илјади искрени поддржувачи на мирната борба за зачувување на Република Македонија.
„Помина точно една година и еден ден од утрото на 28 ноември кога дванаесет припадници на МВР, специјалци во полна опрема, влегоа во мојот дом утрото во пет часот. Моите три деца и денес се навраќаат на таа сцена, кога уште несвесни дали се работи за јаве или сон, разбудени од крици, движења и звуци кои не се вообичаени за нормален детски свет, сликата која прва ја гледаат – нивниот татко го носат од дома непознати луѓе во униформи, како на филм, како на лоша претстава, со тоа што овој пат е вистинско, ладно, мрачно, гадно, нема пауза помеѓу чинови, само една длабока траума со која без никаква нивна вина се соочени од најмали. Моите деца тој ден не отидоа на училиште. Мене ме одведоа во Шутка. Истиот ден го прочитав обвинението. Терористичко загрозување на уставниот поредок. Уставниот поредок на Република Македонија…Македонија…единствената вистина за која сум се борел покрај семејството и блиските, Македонија. Македонија, последната светла точка во секој разговор со моите татко и мајка, раскажувајќи за маките со кои биле соочени во минатото, бегалци, борејќи се секојдневно со предизвиците на сиромаштијата, единствено најблиските, семејството, и Македонија беа Вистината, смислата. Сепак, дојде време да се соочам и со …според мене одекот, ехото на… секој еднаш во животот ќе мора да се соочи со судбината. Покрај фактот дека поголемиот дел од мојот живот може да го поминам во затвор, се соочив и со обвинувањето дека единственото нешто за кое искрено сум се борел – сум го загрозил, и тоа терористички. А обвинението? Сакам да пишувам за тој ден, 27 април, за Вистината, соочена наспроти напишаното со заслепувачка омраза“, пишува Дурловски на социјалните мрежи.
Дурловски вели дека во времето кога народот влегол во Собранието, тој се наоѓал на друга локација. По половина час, пред Собранието го пречекале граѓани и тогаш тој се упатил кон пленарната сала.
„Запишано е дека сум држел потпалувачки говори за да повикам народ. А фактите за кои и обвинителството е запознаено се следниве: По пеењето на химната пред Владата на Република Македонија, заминувам со мојот тогаш 9-годишен син на ракометен натпревар. Се наоѓам пред ‘Јане Сандански’ кога дознавам дека народот кој беше пред нас 82 дена веќе е влезен во Собранието, го одвезувам син ми и се упатувам натаму. По половина час од влегувањето, се појавувам во Собранието, каде неколку илјади се веќе присутни, ме пречекуваат, …се упатувам кон пленарната сала, застанувам до моите колеги со кои протестиравме изминатите денови…Горди луѓе кои пеат родољубиви песни. Обвинителството не поседува ниедна снимка, ниеден цитат ниту доказ од каков било потпалувачки говор, моето присуство таму е чин на лојалност и поддршка на неколкуте илјади искрени поддржувачи на мирната борба за зачувување на Република Македонија. Информациите за настанот на друго место во зградата на Собранието ги добивам пред моето излегување од зградата, и навраќајќи се од оваа перспектива на тие моменти, сигурен во своите проценки и постапки, тврдам дека моето присуство таму е со чиста мотивација и искрена желба да се заштити а не да се загрози, да се заштити а не да се нападне, да се биде со своите, заради чест, заради љубов, заради верба во луѓето.
Од оваа перспектива, по година дена преиспитување, борба со чувствата и практичните проблеми, меѓународната кариера, која е стопирана, секојдневна состојба на неизвесност, адвокати, обвинители, судии… семејството… притворот како една посебна драма во мојот живот и во животите на моите деца и мојата сопруга, траумите што им ги нанесов на моите најблиски, преиспитувањето на сè што било и сè што треба да дојде, сето тоа мене лично ми беше една животна лекција, едно искушение, една борба, најголема, по која сум уште поубеден, посилен, со почиста мисла. Но тоа е лично, тоа ќе си го носам јас и ќе си го носат моите најблиски како товар до крајот на животот“, додава Дурловски во објавата.
Дурловски прашува „Кому треба да простам и кој мене треба да ми прости?“ ставајќи го акцентот на собраниското тело за помирување што треба да се разгледа предлог-законот за амнестија на лицата што не вршеле насилство на 27 април минатата година при упадот во Собранието.
„Тоа што деновиве е актуелно е таканареченото помирување, помилување, простување… Христијански е да се прости. Простувањето е највисокиот чин на моралните. Треба ли да им простат на стотиците луѓе кои искрено ми пристапуваат, ме прегрнуваат, се фотографираат со мене на улица, ми даваат поддршка да истраам во овие премрежија…или треба да им простам на тие кои со злокобна радост и лиги ги читаат гнасните обвиненија за мене и други, жедни за крв и одмазда, омраза кон замислен душман, потсвесно конструиран лик кој треба да ја надомести нивната немоќ да се соочат со реалноста? Милост не барам, само правда. Да, подготвен сум да му простам на еден бивш министер кој ја саботираше свесно претставата ‘Турандот’ набргу по моето излегување од Шутка…Простете им на моите поддржувачи кои покажаа доблест и храброст таа вечер да го извикаат моето име од публиката иако во тој период беше екстремно ризично да се биде покрај мене таму…
Подготвен сум да му простам на раководството во мојата матична куќа МОБ, мојот втор дом, кои се правдаа зашто ме ангажирале да го правам тоа што знам – да пеам. Нека му биде простено и на бившиот синдикалец, сегашен директор на Македонската филхармонија, кој трудејќи се да ви се допадне сакаше да го откаже настапот на мојата сопруга…Подготвен сум да ѝ простам и на бившата револуционерка, претседателот на УО, која денеска напаѓајќи го истиот директор, го споменува нашето име, ако ѝ помага? Им простувам на сите оние луѓе на кои сум им помагал во животот искрено, кои во тие моменти беа на сигурна дистанца од мене…дали тоа ќе им помогне денес? Им простувам и на сите мои блиски пријатели кои се плашеа да стават лајк на постовите за моја поддршка, простувам и на дел од моите роднини, луѓето од кои очекуваш да бидат блиску кога е најтешко…Простувам на македонските колеги кои за разлика од странските ја преспаа неправдата врз мене и моето семејство. Простувам и на поголем дел од новинарите, кои свесно објавуваа и пишуваа, гласно извикуваа работи за кои знаат и самите дека се невистини…
Ви простувам на сите за тоа што моите деца спиеја на моето место додека јас ја делев ќелијата во Шутка, ви простувам на сите за стресот кој и денеска децата го имаат кога ќе го напуштам домот и ме прашуваат дали го понесов мојот мобилен телефон. Ви простувам и за нивната мака и нивната траума, се надевам дека еден ден и тие ќе пораснат, ќе разберат, сфатат дека човечки е да се простува… Ви простувам, ја разбирам вашата слабост и уште ќе бидам тука за вас, на сцената и во публиката…
Тоа што сакам да остане запомнето од овој мрачен период е храброста, љубовта и искрената верба на оние кои останаа до мене во најтешките моменти бидејќи уште еднаш ми докажаа дека борбата за доброто на сите има смисла и истата е вредна за секој искажан збор, гест и постапка. Ми ја сочуваа надежта дека човекот се гради со секое искушение во подобар, поголем…
А за разнебитувањето… Молете се идните генерации да ви простат. Сакам да ви се заблагодарам на сите што бевте со мене со вашиот збор, присутност во моја близина, допаѓање или коментар на мојот профил, на оние кои ги познавам лично и не сум имал чест да ги запознаам, на сите оние кои сте биле или не сте биле во можност на каков било начин да се вклучите во оваа борба.
Живеејќи го ова лудило, успеав да ги сочувам честа и достоинството, имајќи покрај мене една посебна, голема жена, жена лавица, жена мајка, жена херој…на која јавно ѝ се заблагодарувам што беше силна покрај мене, мојата сопруга Ана“, завршува Дурловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

