Македонија
Духовден: Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква
Православните христијани денес го одбележуваат празникот Духовден. Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Педестница итн.
Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.
Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски по земањето на уверенијата од ДИК: До 28 мај очекуваме да се формира Собранието, а до средина на јуни нова влада
Денес, по покана на Државната изборна комисија, ги подигнавме мандатите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните уверенија. Со добивањето на уверенијата, до 28 мај очекуваме да се формира Собранието на Република Македонија, до средината на јуни очекуваме да ја имаме и новата влада во Република Македонија, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да изразам огромна благодарност до граѓаните на Македонија за поддршката што ѝ ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и за големата одговорност сакам да посочам дека ова е голема одговорност за нас како пратеничка група, како ВМРО-ДПМНЕ. Но, сакам да укажам дека ќе ја оправдаме оваа нивна дадена одговорност“, посочи тој и додаде:
„Меѓутоа, сакам исто да кажам дека во периодот што следува ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се насочиме кон борба против криминалот и корупцијата и ќе се насочиме кон подобро образование и здравство и ќе дадеме надеж дека тука може да се живее, да се работи подобро од она што беше до сега. И многу бргу граѓаните на државата ќе го увидат тоа“.
Македонија
Повеќе од 100 отсто зголемен бројот на претставки за дискриминација во 2023 година, Комисијата се жали на ограничен буџет и малкумина вработени
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација минатата година добила двојно повеќе претставки во однос на 2022 година. Денес, Комисијата го презентира извештајот за работењето во 2023 година, кој бележи тренд на зголемување на бројот на претставките.
„Годинава, Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година. Тоа, веројатно, говори дека Комисијата добива видливост, дека граѓаните се поинформирани во однос на тоа каде треба да ја пријават дискриминацијата и дека институцијата добива уште повеќе доверба. Забележуваме тренд на повторување на истите области од дискриминацијата од претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работниот однос, образованиот процес и пристапот до образованите услуги и во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои се пријавува дискриминација“, рече претседателот на Комисијата, Игор Јадровски.
Во споредба со 2022 година, се забележува тренд на намалување на дискриминација врз национална и етничка припадност, меѓутоа пораст на оние случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
И покрај зголемениот обем на работа, Јадровски нагласи дека се соочиле со истите предизвици на кои се жалат трета година по ред, односно работат со ограничен буџет и малкумина вработени.
„Апелирам, пред сè, Собранието, кое го гласа буџетот, меѓутоа и другите надлежни институции, да имаат слух за овие предизвици. Комисијата, иако во 2023 година имаше и квантитативно и квалитативно двојно повеќе работа, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата сè уште останува со прилично лимитиран буџет. Сè уште континуирано се прекршува онаа финансиска независност на Комисијата, односно располагањето на буџетот на Комисијата, што директно е во колизија со законската поставеност на Комисијата како независно тело“, вели претседателот на Комисијата, Јадровски.
Во моментот Комисијата го подобрува пристапот до институцијата оти Јадровски вели дека сега се непристапни, а во периодот што следува најави дека ќе настојуваат да бидат поактивни, особено во областа образование, па апелираат да бидат вклучени во работните тела, кои ги подготвуваат стратешките закони.
Комисијата и натаму ќе притиска за вклученост во закони и политики што значат подобрување на принципот на еднаквоста, унапредување на еднаквоста и заштитата од дискриминација. Во следниот период очекуваат повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост и измените на законот за матична евиденција во делот за признавање на родот и чекаат Комисијата да биде препознаена како тело што треба да биде вклучено во работните групи.
Македонија
Одземен имунитетот на судијата Наќе Георгиев, Обвинителството отвори истрага и против Мемети, но за него не се бара притвор
Обвинителството отвори истрага за врховниот судија Наќе Георгиев и за членот на Советот на јавните обвинители, Иџет Мемети, кои се сомничат за примање награда за противзаконито влијание.
Од тука информираа дека акцијата за апсење на Георгиев следувала по пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителството објави дека донесена е наредба за спроведување истражна постапка за судијата и уште за едно лице за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
Денеска, Основниот суд ќе одлучува за притворот за врховиот судија, а во однос на Мемети засега, според доказите, нема основа да се предложи притвор.
„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот, користејќи ги службената положба и претпоставеното влијание, лажно ветувал погодности за обвинетиот (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот. Предметниот обвинител, вчеравечер, покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје, достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд, кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ, кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“, велат од Обвинителството.
Како што се додава, прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законска основа на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за врховиот судија, кој бил затекнат при извршување на кривичното дело.
Во однос второосомничениот, како што информираат од Обвинителството, до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.
Синоќа, по наредба на судија на претходна постапка, беше извршен претрес во домот на членот на Советот на јавните обвинители, Иџет Мемети, во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители.