Македонија
Европската интеграција на земјата во фокусот на разговорите на Димитров во Берлин
Во рамките на првиот ден од работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретна со Михаел Рот, министер за Европа во германското МНР, Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Меркел, и Матин Хакверди, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на СПД.
Во фокусот на средбата со министерот Рот беа прашања поврзани со европската интеграција на земјата. Во таа насока Димитров брифира за текот на домашните реформи и успешно спроведениот претседателски изборен процес и ги реафирмира аргументите за носење одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ и важноста на германската поддршка во тој процес.
„Годинава, Република Северна Македонија има силни реформски и добрососедски аргументи за почеток на пристапните преговори. Успеавме да направиме целосен пресврт во неполни две години и тоа треба и мора да биде препознаено за да го зацврсти нашиот успех и да служи како поттик за другите во регионот. Процесот на пристапни преговори ќе значи само заслужен почеток на едно ново поглавје за засилување на позитивниот курс, натамошен напредок на земјата и овозможување подобар живот за нејзините граѓани“, истакна Димитров.
На средбата со Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Меркел, се разговараше за европската агенда на Северна Македонија, а беа разменети мислења и за актуелната регионална динамика и улогата на Германија како клучен партнер на земјите од Балканот. Во разговорот со пратеникот Метин Хакверди од редовите на СПД главен акцент беше ставен на поддршката во Бундестагот за процесот на нашата европска интеграција и постигнатото во клучните реформски области и добрососедските односи.
Работната посета на министерот Димитров на Берлин продолжува попладнево со негово обраќање како главен говорник на настан во германскиот Бундестаг со наслов „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, организиран од страна на парламентарните групи на зелените и на германската секција на Унијата на европските федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, социјалдемократи, зелените и либералите. Во текот на утрешниот ден планирани се повеќе средби и разговори со пратеници од Бундестагот и релевантни соговорници во Сојузната канцеларија и германското МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

