Македонија
Европска делегација во посета на Скопје, кое во 2028 ќе биде престолнина на културата

Град Скопје е домаќин на делегација на Европската Унија, која е во неколкудневна посета на градот Скопје – европската престолнина на културата 2028.
„На средбата градоначалничката Данела Арсовска пред делегатите ги претстави визијата и програмата, која предизвика огромен интерес во Европската Унија, а на Скопје му ја донесе престижната титула, од која бенефит ќе имаат сите граѓани, пред сè, од можностите за соработка меѓу градовите во регионот за развој на културата, локалниот економски развој, туризмот и уметноста“, велат од Град Скопје.
Франческо Калеприко, раководител на Одделот за координација во ЕУ, посочи дека високо достигнување е прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата 2028, успехот на тимот што работел на овој проект е голем и титулата е валоризација на нивниот труд. Делегација од Брисел, од која дел беа Џулијано Ена, раководител на сектор во ЕЕАС, и Гкелис Николаос од Советот на Европската Унија, во текот на наредните денови ќе посети повеќе културно-историски знаменитости во градот Скопје и ќе се запознае со неговото богатото културно наследство и институциите од областа на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.