Македонија
Европски фронт: Ветингот, услов за нова Влада
Арта Билали Зендели, претставник на Европскиот фронт на прес- конференција истакна дека ветингот ќе биде услов за новата Влада.
Според неа, без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата.
„Денеска ви ја претставуваме една од заложбите на политичката програма „Европа 2030“ на Европскиот фронт, спроведување на процесот на проверка за сите носители на политички функции и носители на големи одговорности во областа на судството и борбата против криминалот и корупцијата. Без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата. Владеењето на правото, правдата и доброто владеење гарантираат еднаква лојалност и одговорност за секој граѓанин пред законот. Борбата против корупцијата и организираниот криминал ќе продолжи да биде бескомпромисна, со нулта толеранција, но овојпат засилена со точноста на системот за проверка во законодавната, извршната, судската, обвинителството и секоја друга функција во централно и локално ниво, за именувани или избрани лица“, вели Арта Билали Зендели.
Како што вели, ветингот ќе овозможи поголема транспарентност на богатството на кандидатите кои сакаат да преземат јавна одговорност и како се постигнува тоа богатство.
„Ова објективно следење ќе биде поттик за сите и можност за чесни човечки капацитети да излезат на површина за да им служат на потребите на луѓето. Ветингот за корупција е неопходна категорија која еднаш засекогаш ќе ја затвори вратата за поединци кои го ставаат личниот интерес над општото. Европскиот фронт за првпат инсистира и на примена на проверка на руското влијание и антидржавните служби за да се елиминира ризикот од дестабилизација и дезориентација на земјата од евро-американската ориентација. Донесувањето на посебен закон за ветинг ќе биде најсилниот одговор против секоја тенденција за манипулација и злоупотреба на јавната положба“, завршува Арта Билали Зендели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

