Македонија
Една третина од дијагностицираните со ковид-19 во земјава немале никакви симптоми
Во државава во моментов бројката на заболени од коронавирусот е 908, во 20 градови во државата, најмногу во Скопје и во Куманово. Симптомите на кои се жалеле лицата кои биле дијагностицирани се веќе познати, температура, кашлица, малаксаност, треска, болка во грло… Но, она што е наведено во последниот дневен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е дека кај 276 лица од заболените, што претставува 30,4 отсто, или кај една третина, не биле регистрирани никакви симптоми на заболувањето пред да се тестираат.
Тоа се практично асимптоматските заболени лица за кои во неколку наврати потенцираше и министерот за здравство Венко Филипче, кои се преносители на вирусот, а не знаат дека се болни.
Истото ова се случува и на светско ниво. „Си-ен-ен“ неодамна објави дека податоците од Исланд покажуваат дека 50 отсто од позитивните на коронавирус биле без симптоми, а САД проценуваат дека до 25 отсто од носителите на вирусот се асимптоматски. Токму поради овие податоци, водечките здравствени експерти во САД ги преиспитуваат досегашните препораките за носење заштитни маски.
Вчера во земјава беа детектирани 54 новозаболени – 22 женски и 32 машки лица. Најголем дел од нив имаат од 30-39 години и од 50-59 години.
Само кај 13 од нив е регистрирано присуство на коморбидитети, односно хронични заболувања. Двесет и три веќе имале контакт со потврден случај на Ковид-19 во државата, а четворица биле вратени од патување во последниве 14 дена.
За останатите, не се знае на кој начин се заразиле, како што впрочем е и примерот со пратеничката Кети Смилеска од СДСМ од Прилеп, која рече дека од февруари годинава била дома и со контакти единствено во рамките на семејството.
Вчера на Клиниката за инфективни болести и во болницата „8 Септември“ починаа шест лица, од кои тројца имале хронични проблеми, а останатите претходно биле здрави. Само еден од нив претходно имал контакт со веќе потврден случај во државата на Ковид-19.
Последниот извештај на ИЈЗ покажува дека во Скопје и во Куманово има најмногу заболени од Ковид-19, но дека смртноста е највисока во Струга и во Тетово.
Во Скопје, од 329 заразени има 7 смртни случаи (2,1%), во Куманово од 236 заболени од коронавирусот, има 12 смртни случаи (5,1%), во Тетово од 38 заболени има четворица починати (10,5%), а во Струга од 43 заболени, починале осум лица (18,6%).
Возраста на заболените во земјава се движи од 0 до 91 години, но најголемиот број заболени се на возраст од 50-59 години (21,8%).
Најмладите пациенти заболени од коронавирус се четиримесечно бебе и 2.5 годишно дете за кои вчера министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека се во добра здравствена состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне зголемување на облачноста
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

