Македонија
Ексдиректорот на „Т-мобиле“, Луковски, осомничен од СЈО за злоупотреба на службената положба и овластување
Специјалното јавно обивнителство отвори нова истрага под кодно име„Базни станици“, а во која е опфатено едно лице поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според доказите на СЈО, во текот на 2011 година осомниченииот Жарко Луковски, тогаш главен извршен директор на „Т-мобиле Македонија“ АД, со искористување на положбата и овластувањето, на ДГ „Бетон АД“ Скопје му прибавил значителна имотна корист од 3.522.400 евра. Воедно, на акционерите на „Т-мобиле Македонија“, меѓу кои е и државата, им нанел штета во висина на приходот од неоствареното право на дивиденда.
Осомничениот, според СЈО, со цел легализација на дивопоставени базни станици, инаку предвидено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во април 2011 година побарал финансиска понуда од ДГ „Бетон“ за компанијата „Т-мобиле Македонија“ да ја заврши постапката за утврдување на правниот статус на нејзините базни станици, иако „Т-мобиле Македонија“ поседувал соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици, и тоа во износ од по околу 3.000 евра по објект.
„Нагласуваме дека ДГ ‘Бетон’ како правно лице претходно никогаш нема давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното работно искуство“, наведуваат од СЈО.
Сепак, набрзо ДГ „Бетон“ ја известил компанијата „Т-мобиле Македонија“ дека бараната услуга може да ја изврши, по што на 15 август до ДГ „Бетон“ доставил конечна понуда од 9800 евра по објект, како и 2.500 евра за докомплетирање на документација за други стари базни станици. Станува збор за сума по базна станица која е за повеќе од трипати повисока во однос на таа за која истата работа можела да биде завршена од страна на стручниот тим на „Т-мобиле Македонија“.
Од доказите произлегува дека на 27 декември истата година осомничениот Жарко Луковски, во име на „Т-мобиле Македонија“, потпишал договор со претставник на ДГ „Бетон“ за утврдување на правниот статус на базните станици и нивно запишување во јавните книги за недвижност, по веќе споменатата цена од по 9.800 евра по објект, без ДДВ, но, вклучително и за 518 комуникациски објекти за кои документацијата само технички била доставена до ДГ „Бетон“, бидејќи истата веќе била изготвена во „Т-мобиле Македонија“.
Како што информираат од Обвинителството, на ДГ „Бетон“ му останала обврска оваа веќе изготвена документација само физички да ја однесе во Архивата на Министерството за транспорт и врски.
На овој начин, ДГ „Бетон“ се стекнал со имотната корист од над 3,5 милиони евра, додека акционерите, меѓу кои и државата, претрпеле штета во приходи од неостварена дивиденда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

