Македонија
ЕМОФ: Велосипедистите од Исланд се во добра здравствена состојба, самоиницијативно тренирале на патеката која не е дел од официјалната
Во врска со сообраќајната незгода што се случи на 23 јули 2025 година, околу 12:00 часот на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во близина на селото Зубовце, ЕМОФ информира дека двајца малолетни велосипедисти од репрезентацијата на Исланд, учесници на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), се здобија со телесни повреди.
По укажаната медицинска помош во Општата болница Куманово, како што е соопштено, утврдено е дека спортистите се во стабилна и добра здравствена состојба, без потреба од хоспитализација.
На местото на настанот веднаш реагирале претставници од организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025, кои им укажале поддршка и помош на повредените спортисти и биле во постојан контакт со делегацијата од Исланд.
Според официјалниот извештај на СВР Куманово, на 23.07.2025 година во 12:09 часот било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во атарот на с. Зубовце, патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од лице на возраст од 42 години, удрило во двајцата велосипедисти од Исланд. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Куманово.
„Во согласност со полицискиот извештај, истите велосипедисти не се движеле на официјална и одобрена патека за тренинг или натпревар, ниту во времетраење што било определено за тренинг активност. Според податоците, делегацијата на Исланд на сопствена иницијатива и без најава до организациониот комитет, спровела тренинг на регионален пат кој не бил дел од агендата на ЕМОФ.
Од исландската делегација во изјава до организацискиот комитет изразија жалење за инцидентот, при што посочија: „Жалиме за ненамерниот инцидент што се случи надвор од официјалната тренинг патека на ЕМОФ. Благодарни сме што двајцата велосипедисти се во добра здравствена состојба. Благодарност до организаторите и медицинскиот тим за нивната брза реакција и поддршка. Ќе соработуваме целосно со сите релевантни институции за да се расветли случајот и да се осигураме дека сите активности продолжуваат во духот на спортот, одговорноста и безбедноста.“
Во соопштението организаторите потсетуваат, „за тренинг активности од 10:00 до 13:00 часот, полицијата имаше обезбедено целосно блокирана и безбедна траса од пред ресторанот Фемили во населбата Карпош, по стариот пат за Крива Паланка, преку местото викано Света Петка, па по регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце до Меморијалниот центар АСНОМ. На оваа делница сообраќајот за возила и пешаци беше во целост стопиран.
Инцидентот, како што беше потврдено и од страна на полицијата, претставува изолиран случај и не е поврзан со официјалната организација и безбедносните мерки на ЕМОФ. Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 изразува длабоко жалење за настанот и продолжува со блиска комуникација со делегацијата на Исланд и сите релевантни институции, со цел да обезбеди целосна поддршка за повредените спортисти.
Со цел да се спречат вакви и слични инциденти во иднина, упатуваме апел до сите тимови и учесници строго да се придржуваат до официјалните упатства, дозволени патеки и предвидени временски рамки за тренинг и движење, како и навремено да ја известуваат организацијата за секоја планирана активност надвор од официјалната програма.
Во меѓувреме, натпреварите продолжуваат во најдобар ред. Во денешната женска трка во друмски велосипедизам триумфираше Ана Бонаси од Италија, сребрениот медал го освои Ана Меусен од Белгија, а бронзата ѝ припадна на Мелани Роу од Велика Британија. Натпреварувањето се одвиваше согласно сите предвидени безбедносни протоколи и стандарди на ЕМОФ Скопје 2025“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

