Македонија
Жалбата на Јанева одбиена од судот, обвинителката останува во притвор

Кривичен совет од тројца судии ѝ ја одбил жалбата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за определениот 30-дневен притвор, потврдија од скопскиот Кривичен суд. Тоа значи дека Јанева останува во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Доцна синоќа судијата Седат Реџепагиќ ѝ определи притвор на шефицата во оставка на СЈО, по барање на Обвинителството за гонење организиран крииминал и корупција.
Јанева е третоосомничена во истрагата „Рекет“. Таа, според обвинителството, му овозможила на осомничениот Орце Камчев поповолна позиција во истрагата на обвинителката Лиле Стефанова за предметот „Империја“, при неизменети околности и предложила да излезе од притвор.
Освен тоа, во план било Камчев да добие статус на заштитен сведок или да му биде понудена спогодба.
Јанева вчера беше уапсена во нејзината куќа во скопско Козле и однесена првин во СЈО, па потоа и во Кривичниот суд. Утрово беше донесена на погребот на нејзината мајка во родната Гевгелија.
Шефицата на СЈО е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување. Доколку биде поднесено обвинение и биде осудена, ѝ се заканува казна затвор од најмалку три години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес топло време, од утре нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 16, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Под влијание на циклонска активност во недела попладне, во текот на ноќта и во понеделник претпладне времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд (над 25 l/m²) и засилен ветер. Во понеделник ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h). Во деновите потоа ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Дел од Центар денес без вода поради дефект на водоводната мрежа

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиено известување од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, ги информира граѓаните дека на ден 13 септември 2025 година (сабота) ќе има прекин во водоснабдувањето во делови од Центар.
Поради уличен дефект на цевка со пречник Ф-275 мм на бул. „11 Октомври“ бб, кај Зелениот пазар, без вода ќе останат корисниците на потегот од Собранието до бул. „Кочо Рацин“, како и дел од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Прекинот ќе започне во 8 часот и ќе трае сè до санирање на дефектот, информираат од ЈП „Водовод и канализација“.
Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.