Македонија
Жена вратена од Рим со делумно позитивен тест за коронавирус
Тестирање за коронавирус кај жена што се вратила од Рим дало делумно позитивни резултати, извести денес министерот за здравство, Венко Филипче. Ѝ се прави дополнително тестирање на Клиниката за инфективни болести.
„Жена којашто со сопругот била на кратка прошетка во Рим се јави на Инфективната клиника. Нејзиниот тест во една третина, само парцијално е позитивен, што може да биде вкрстена реакција од други вируси и затоа сега се прави дополнително тестирање на широка палета вируси, да не шпекулираме иако верувам дека и овој тест ќе биде негативен. За резултатите ќе известиме по два часа“ , рече министерот Филипче.
На клиниката се пријавил и возач на камион со знаци на грип кој патувал низ северна Италија, но неговиот тест бил негативен.
Пациентката кај којашто вчера беше потврден коронвирусот се чувствува добро, има лесна клиничка слика и нема знаци за компликации, рече министерот Филипче. Таа е сместена на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Останатите патници од комбето се ставени во изолација во домашни услови, а изолација е во тек и за сите лица со коишто направиле контакт.
„Телефонски се исконтактирани сите и им е укажано дека треба да почекаат денеска во утринските часови да бидат контактирани како од екипите на епидемиолози така и од припадниците на Министерството за внатрешни работи. Кај дел ова интервју е веќе завршено, дел се врши сега, во овие моменти. Добро е тоа што сите укажуваат на тоа дека немале контакт со голема маса на луѓе, пред сè контактите се во рамките на семејствата и тоа во куќите во коишто живеат или во истите дворови. На сите нив, исто така, ќе им биде назначена изолација“, вели министерот Филипче.
Претставници на Министерството за внатрешни работи прават проценки дали можат да ги обезбедуваат објектите во коишто се изолирани во домашни услови патниците и лицата со коишто контактирале. Доколку утврдат дека има тешки услови за обезбедување, лицата ќе бидат пренесени во некое од инфективните одделенија наменети за изолација на сомнителни пациенти на Инфективната клиника во Скопје, а доколку има потреба во одделенија во Штип и Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

