Македонија
Жерновски-Брнс: Северна Македонија и САД – од пријатели до сојузници

Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Брнс. На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во НАТО и ЕУ, како и за прашањата што се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот. Исто така, стана збор и за глобални актуелни теми од значење на светскиот мир и благосостојбата.
На средбата е потврдено дека Северна Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот.
Жерновски во разговорот со амбасадорката Брнс изрази благодарност за ратификацијата на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во американскиот Сенат, што е од особена важност во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.
Амбасадорката Кејт Брнс на средбата го реафирмира јасниот став на САД дека тие остануваат посветен сојузник на Северна Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка се уште е активна забраната за тешки товарни возила, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема (ланци).
Според известување од Виадукт Треј Дооел – Гостивар од 09.04.2025 година(Среда), ќе се врши реконструкција на дилатациони спојки на дел од автопатот Неготино-Велес (клучка Неготино), каде сообраќајот ќе се одвива во една сообраќајна лента во правец од Неготино кон Велес во времетраење од 15 дена.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Владата да не ги игнорира нашите добри здравствени политики“, побара СДСМ

По повод Светскиот ден на здравјето, Форумот на жени на СДСМ организираше панел дискусија на тема „Здрави почетоци, силно општество“, посветена на актуелната состојба на здравствениот систем и значењето на здравите почетоци за секоја држава. Специјалистите и експертите на панелот, меѓу кои и проф. д-р Маја Мојсова Миовска, проф. д-р Ана Данева Маркова и проф. д-р Маја Манолева, споделија свои искуства како и постигнувањата во здравствениот сектор за време на владеењето на СДСМ.
Проф. д-р Ана Данева Маркова посочи дека со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017 година, здравствениот систем беше во критична состојба, со катастрофални показатели за перинаталната и неонаталната смртност. Преку вложување во мајките и новороденчињата, и преку донесување на стратегија за подобрување на здравствената грижа, постигнати се значајни резултати. Перинаталната смртност е намалена трипати, а неонаталната смртност од 9 на 0,9 за 2023 година.
Проф. д-р Маја Манолева истакна дека добрите здравствени политики на СДСМ не се само инвестирање во здравјето, туку и во иднината на општеството. „Здравиот почеток не е привилегија, туку право на секој новороденчен, а здравото општество започнува со грижа за најмладите,“ додаде Манолева.
„Денес многу од овие политики и напори не се продолжени или дури запоставени од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. И покрај значајните резултати кои ги постигневме за унапредување на здравствената грижа, скоро година дена здраствениот систем е во застој. Владата не покажува истата посветеност и континуитет во имплементацијата на клучните политики кои придонесоа за намалување на смртноста и подобрување на условите за здравје на мајките и новороденчињата, но и за основни потреби на лицата со инсулинска терапија кои последнава година се соочуваат со недостаток на инсулин“.
Д-р Маја Мојсова Миовска истакна дека трансплантацијата е врниот дел од медицината коишто укажува дека здравствениот систем има достигнато ниво за да се видат ефектите од трансплантациската медицина, која за жал уште е само како програма во Министерството за здравство, иако пред 5 години стигнавме до некое ниво кога беше првото срце трансплантирано во Македонија, со кое се подигна и свеста кај граѓаните.
„Стигнавме до одредено ниво и за жал не успеавме да го довршиме тоа. Не гледам дека нешто се поместува во моментот, не треба да се напуштат претходните добри политики на СДСМ и веќе обучените кадри и тимови, нивното знаење треба да се искористи и системот кој веќе го воспостави СДСМ треба да продолжи“, додаде д-р Мојсова Миовска.
„СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни мерки за развој и унапредување на здравствениот систем, систем кој инвестира во здравјето на луѓето и кој има за цел да обезбеди здраво и силно општество. Граѓаните заслужуваат нормални и достоинствени услови за здравствена грижа, а тоа не може да се постигне без конкретни политички решенија и отсутност на визија“, велат од партијата.
Македонија
Без струја делови од Карпош и скопски Аеродром

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, соопшти дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска (Вторник), без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Од 09:00 до 11:00 часот, корисниците од дел од ул.. Горно Лисиче во делот од биолеб до половни Автоделови VOLKSWAGEN АЛЕК. (Општина Аеродром);
· Од 09:30 до 12:30 часот, дел од корисниците од бр.135 до бр.170 на ул.Козле.(Општина Карпош).