Македонија
Жерновски во работна посета на Брисел
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во рамки на дводневната работна посета на Брисел, оствари работна средба со Анџелина Аинхорст, директор во Европската служба за надворешни работи.
На состанокот, Жерновски информираше за актуелната политичка состојба, како и за напредокот на земјата на полето на имплементацијата на обврските од процесот на европски интеграции.
„Како држава, посветено и внимателно работиме на исполнување на сите препораки и забелешки од страна на Европската унија, со цел да изградиме солидно досие преку кое ќе обезбедиме потврдување на одлуката од страна на Советот следниот јуни и, конечно, почеток на преговорите“, нагласи Жерновски на состанокот.
Аинхорст изрази задоволство од напредокот во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа, потенцирајќи ја неопходноста од заокружување на овој процес како предуслов за остварување на евроинтегративните аспирации на земјата.
Жерновски имаше состанок и со Алехандро Алваргонзалес, Заменик генерален секретар за политички и безбедносни прашања на НАТО. На средбата, соговорниците изразија задоволство што, и покрај бројните предизвици, работите во Република Македонија се движат во позитивна насока. Беше упатено уверување дека целиот процес ќе заврши успешно и дека Република Македонија набргу ќе го добие заслуженото место во НАТО.
„Ние, во НАТО, но и јас лично, со нетрпение ја очекуваме Република Македонија во своите редови”, изјави Алваргонзалес на средбата.
За време на работната посета на Брисел, Жерновски оствари средби и со европратениците, Димитриос Пападимулис (потпретседател на ЕП, член на Сириза, Грција), Питер Нидермулер (член на социјалдемократите, Унгарија), со Иво Вајгл ( член на АЛДЕ, известител за Република Македонија), како и со Андреј Ковачев ( потпретседател на ЕПП, Бугарија), потоа со Јоханес ван Бален (претседател на Групата на пријатели на РМ во ЕП, АЛДЕ, Холандија), со Елмар Брок (член на ЕПП, Германија), со Рајнхард Бутихофер (член на Групата на Зелените, Германија), со Тонино Пицула (член на социјалистите и известител во сенка за РМ во ЕП, Хрватска).
Од страна на сите соговорници беше изразена силна поддршка за правецот во кои се движи Република Македонија и убеденост дека нашата земја конечно ќе се најде во семејството на ЕУ.
За време на дебатата во Европскиот Парламент за Резолуцијата за напредокот на Република Македонија за 2018, комесарот за проширување Јоханес Хан, претставникот на Европскиот совет и европратениците, припадници на големите различни парламентарни групи, едногласно го поздравија реформскиот процес во Македонија, добрососедскиот однос и договорите со Бугарија и Грција, како и лидерската улога во регионот.
Со изгласување на Резолуцијата, Македонија доби препорака од ЕП за почеток на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

