Македонија
Живее во страв и неизвесност: Пехчевски искашлувал крв, „трикафта“ и време за чекање – нема
Секојдневно влошување на здравјето, живот во страв и неизвесност. Вака изгледаат деновите на Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза. Засега нема абер од носење на „трикафта“, единствен лек кој може да му помогне за санирање на состојбата. Пехчевски за „Макфакс“ посочуваат дека веќе ниту самиот не знае што да прави, посочувајќи дека имал и загрижувачка ситуација со искашлување на крв.
„Формираа и комисија за лекот, но комисијата сеуште нема никакви информации до каде е постапка со донесување на „трикафта“. Ниту имам најави дали јас ќе бидам на листата, но се надевам и јас ќе бидам. Но време за чекање веќе се нема, секој изминат ден го живеам во страв и неизвесност“, посочува Пехчевски за „Макфакс“, прашан дали тој ќе биде следниот кој ќе го добие лекот.
Алармира дека лекот е итно потребен, а набавката треба да биде веднаш.
„Мојата здравствена состојба се повеќе се влошува, секој ден, секое утро го живеам во страв и неизвесност за мојот живот. Загрижувачки е тоа што пред неполн месец скоро имав загрижувачка ситуација со искашлување на крв. Но со консултација на мојата матична докторка, со д-р Соња од Пулмологија, со антибиотски третман состојбата некако се стабилизираше па поминав без хоспитализација. Но за жал наскоро ќе морам пак да се хоспитализирам. Значи тоа кажува дека болеста цистична фиброза е не предвидлива и прогресивна, па лекот „трикафта“ е потребен веднаш и сега. Животот нема цена. Борбата продолжува со надеж дека „ЦФ“ ќе значи целосно функционални наместо цистична фиброза“, додава тој.
Засега неизвесно е кога ќе стигне следната пратка со „трикафта“ и за колку пациенти. Првично, беше посочено дека до крајот на годината, овој лек ќе го добијат 30 пациенти, кои се во најкритична состојба. Бројките покажуваат дека има околу 140 болница.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, им се налути на новинарите оти му забележаа дека сѐ уште нема најдено пари за лекот „трикафта“ за сите пациенти. Кога му посочија дека пациентите може да умрат чекајќи лек од државата, тој ги обвини дека манипулираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

